Ќе добијат ли пензионерите реални пензии, а пациентите нови лекови?! 

Граѓаните очекуваат идната 2024 година државата да им обезбеди повеќе средства за лекови, здравствени услуги, повисоки пензии и за поголема здравствена и социјална заштита. Овие нивни барања се сублимирани во државната каса, која, за идната година, е историски најголема. Така, во буџетот за 2024 година, предвидени се и повеќе пари за ресорот здравство, како и за касите на Фондот за здравство и Фондот за пензиско осигурување. Со тоа, Власта предвидува повеќе средства за здравствени проекти, за нови лекови, раст на социјалните и на здравствените бенефиции на граѓаните, но и за зголемување на месечните примања на пензионерите.

Министерството за финансии, како изготвувач на предлог- буџетот, во ставката наменета за Министерството за здравство предвиде 7.655.098 илјади денари или 124 милиони евра, за идната 2024 година. Споредено со годинава, кога имало 112 милиони евра во буџетот, идната ќе тежи 12 милиони евра повеќе. Како што кажа министерот за здравство Фатмир Меџити во неколку наврати, за идната година неопходни се повеќе средства  во буџетот за да може да се обезбедат нови лекови, меѓу кои и за „трикафта“, како иновативен лек за болните со цистична фиброза, како и терапија за дијабетичарите, но и за најтешко болните лица и за оние со ретки болести.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, во буџетот наменет за здравството за идната година, планирани се изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема, како и реконструкција на Општата болница во Кичево.

Најголем раст се забележува кај средствата што треба да ја зголемат фондовската каса на ПИОМ, од каде што, во најголем дел, се црпат средства за пензиите. Во предлог- буџетот за 2024 година, за околу 130 милиони евра се зголемува буџетот на Фондот за пензиско осигурување.

Само од основниот буџет, проектирано е да легнат 569.805.200 евра на сметката на ПИОМ, што е за дури 62,3 милиони евра повеќе од годинава. За пензиите в година, предвидено е да се потрошат 1.756.640.000 евра, што е за дури 187.622.000 евра повеќе во однос на годинава.

– Пензиите и во 2024 година ќе се пресметуваат согласно со воспоставената методологија на пресметка на пензиите, според која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50% и пораст на просечно исплатената плата за сите вработени во висина од 50%, а со цел да им се овозможи пристоен животен стандард на пензионерите – потсети министерот за финансии Фатмир Бесими во делот на презентирањето на предлог-буџетот за 2024 година.

Од централниот буџет за исплата на пензии, за в година, се планирани 1.357. 700.000 денари, што е за 7,6 % повеќе во однос на сегашниот ребалансиран буџет. За следната година, ПИО очекува нови 31.500 пензионери, а вкупниот број пензионери досега е 333.170 лица.

Се очекува во 2024 г. бројот на вработени во ПИО да остане ист како годинава – 523, а просечната месечна бруто-плата да се зголеми на 846 евра.

Според проекциите на буџетската каса, вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарда денари и тие се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година.   (В.Ма.)


1296

Задолжително

Verified by MonsterInsights