April 16, 2024

СВР и ЦСР Битола презедоа чекори за заштита на мајка со 5 деца која питачи пред „Борово“

При акциска контрола од страна на полициски службеници од СВР Битола и претставници од Јавната установа – Меѓуопштински центар за социјални работи Битола, во 12.00 часот на пешачка зона кај објект „ Борово“ во Битола затекната е Е.У.(26) од Битола како пита, држејќи го нејзиното двегодишно дете во рацете завиткано во кебе, а додека нејзините 4 деца на возраст од 4,5,6,7 години, од нејзина страна биле оставени сами во нивниот дом.

Од страна на полициските службеници двегодишото дете со потврда е предадено на претставниците од ЈУМЦСР Битола со цел понатамошно преземање на мерки за заштита и згрижување. По целосно документирање на случајот, против Е.У. ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Битола, односно Министерството за внатрешни работи и Центарот за социјални работи постапуваат според Законот за семејство, но и протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица. (на сила е 16 Протокол, усогласен во 2022 година) .

Фото: https://www.rferl.org/a/gerogia-tbilisi-society-children/

Според Протоколот , Министерството за внатрешни работи : По примена пријава (телефонска, писмена или непосредно поднесена во полициска станица) за дете на улица кое пита на јавно место, мерки и активности преземаат полициските службеници кои се посебно оспособени за
работи на сузбивање на малолетничката деликвенција согласно со: Законот за кривична постапка, Законот за правда за децата и Законот за полиција.
При извршувањето на службените должности, доколку полицискиот службеник затекне дете на улица, должен е да преземе соодветни активности и мерки за отстранување на детето од улица:
Во случаи кога од страна на полициски службеник на јавно место ќе биде
затекнато дете да пита, тој се јавува во надлежната ПС ОН (Полициска станица од општа надлежност).). Полицискиот службеник го известува дежурниот полициски службеник, кој веднаш го известува инспекторот за малолетничка деликвенција, односно полициски службеник од крим-полиција со цел преземање на потребни мерки и активности согласно закон.
Полицискиот службеник од крим-полиција/инспекторот за малолетничка деликвенција, излегува на самото место со службено возило без службени обележја и утврдува дали детето е таму, дали е само или во присуство на возрасно лице и дали детето е во ризик.


Според неодамнешните објави на здружението „Градиме иднина“ во Македонија 18.700 деца се на улица. Од нив најмногу се во главниот град.

Според едно мапирање на деца на улица, деца кои потекнуваат од семејства но денот го минуваат на улица и питачат, во 2020 година спроведено од ЈУ „Завод за социјална заштита“ во Македонија имало регистрирани 85 деца на улица. Од нив, според тогашните информации на Центарот за социјални работи, во Битола имало 5 регистрирани деца.

Фото насловна: честа слика на скопските коловози / сопственост на здружение Градиме Иднина


1170