ЧЕСТИТКА ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ

Животот носи промени и предизвици ама мора да се најдат решенија вели битолскиот градоначалник Тони Коњановски

ЧЕСТИТКА ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ ПО ПОВОД ПРЕТСТОЈНИТЕ ПРАЗНИЦИ
Почитувани сограѓани,
Животот носи многу промени. Различни предизвици: некогаш радост, а другпат дава сила да се надминат тешките мигови, да се најдат решенија за блесок на светлината над затемнетите лавиринти кои може да бидат потенцијална закана за успех.

За време на празничните денови, секогаш посакуваме годината што доаѓа да ни биде поубава од претходната. Убавите желби ја градат убавината на животот само со позитивна енергија, искрена мисла и многу труд.

Како локална самоуправа, во континуитет изминатите две години, дадовме се од себе, низ разумност, конструктивност и соработка со сите граѓани, да најдеме решение на проблемите на политичката сцена, за да можеме да направиме нешто повеќе за градот во кој живееме и каде што сакаме да останат да живеат нашите деца и генерациите кои доаѓаат.

Подобрувањето на патната инфраструктура во над 20 километри, изградбата на нови детски паркови, места за одмор и рекреација, новите паркинг простори, инвестициите во училиштата, зголемувањето на капацитетите во детските градинки, се само дел од завршените проекти со кои го подобруваме нашето секојдневие.

Секој гостин или посетител сака добри услови и интересна туристичка понуда, која ќе го задржи и ќе го привлече повторно да го посети нашиот град.

Затоа, создадовме „Зимска приказна“, низ која ја раздвиживме и заживеавме Старата битолска чаршија, исполнувајќи ја празничната атмосфера со посебно волшебство раскажано низ детската игра, неуморните традиционални креации и безвремената музика, која создаде прекрасна топлина и на платото пред Офицерскиот дом и просторот кој партерно го уредивме исполнувајќи го со бројни содржини за посетителите, кои истовремено значат и економски бенефит за луѓето од угостителската дејност. Оваа приказна е само надополнување на бројните содржини кои во текот на целата година значат културно заживување, но и можност за развој на културниот туризам во Битола.

Од туристички аспект, ја поддржавме изградбата на Авантуристичкиот парк на Пелистер и активно се залагаме за обнова на Копанки, додека паралелно создадовме можности за Битола да живее како спортски град, во кој 2023 година ќе остане запаметена и по Европската ракометна лига на шампиони.

Визијата за успешност низ конкретни активности со над 60 проекти подготвени за реализација, продолжува да биде нашата движечка сила и во новите 365 дена.

Тоа значи продолжување на посветеноста, поддршка на идеите, креативноста и успесите на нашите соработници и заеднички мотив за остварување на нови резултати.

Во насока на реализација на целите кои ни претстојат, на сите граѓани сакам да Ви посакам добро здравје, среќни и исполнети денови.

Нека празничната топлина ги исполни Вашите домови, нека внесе радост во Вашите домови, а годината што доаѓа нека биде година на многу успешни приказни.

Драги сограѓани,
Нека ни е Среќна Новата година! Среќни и Весели празници!

Слушнете и видете ја честитката на следниот линк

https://www.facebook.com/konjanovskitoni/videos/647690117343374/


1169