По скандалот со лажните потврди за „бугарско потекло”, се бара истрага за градоначалничката

По откривањето на скандалот со издавањето лажни потврди за „бугарско потекло” во село Острени, област Голо Брдо, населено со Македонци, се бара административна истрага за градоначалничката на општина Булќиза, каде територијално потпаѓа оваа и административната единица Требиште.
Според тиранската „Топ чанел“, пратеничката во албанскиот парламент Дурата Чупи побарала од Високиот инспекторат за пријавување имот и судир на интереси да започне административна истрага за градоначалничката на Булќиза, Мјештри и администраторот на административната единица Острени, Љуан Мјештри, кои се брат и сестра.
– Врз основа на состојбата на незаконитост и судир на интереси во општина Булќиза, денеска побарав од Високиот инспекторат итно да започне управна истрага, за да се констатира состојбата на судир на интереси меѓу градоначалничката на Булќиза и администраторот на Острени, кого го назначила таа, а се сестра и брат, како и да преземе други казнени мерки согласно со закон, стои меѓу другото во барањето на Чупи.
Таа уште додава дека високите јавни функционери и особено избраните „мора да ги извршуваат своите должности со интегритет, транспарентност и одговорност во служба на јавниот интерес, а не на личните или семејните интереси”.