March 2, 2024

Пред 50.000 гледачи против Франција македонската ракометна репрезентација го започнува ЕП во ракомет во Германија

Slika

Европското ракометно првенство стартува денес, а ЕХФ преку официјалната страница токму натпреварот меѓу Македонија и Франција го најави како историски ден и посочи дека повеќе од 50 илјади гледачи ќе бидат на трибините, со што ќе се урне рекордот поставен пред 10 години.

На ова големо натпреварување, ЕП 2024 во Германија, македонската ракометна репрезентација ја предводи Кирил Лазаров, кој не го крие задоволството што токму нашата репрезентација ќе биде дел од испишувањето на ракометната историја – мечот против Франција.

Натпреварот ќе се одигра на „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф, фудбалски стадион што за потребите на овој шампионат е претворен во ракометна арена.

Интересно е дека досега најпосетен ракометен меч е оној Хамбург и Рајн Некар Левен кој во Франкфурт го гледаа 44.189 гледачи, но оваа бројка од утре заминува во историјата.

Во пресрет на дншниот натпревар кој е со почеток во 18 часот Лазаров за Вечер.мк открива каква е атмосферата во тимот, но и какви се очекувањата. 

– Имаме добра атмосфера во тимот. Ракометот е колективен спорт, само со заедништво во добри и во лоши моменти можеме да постигнуваме добри игри и резултати. Утре за прв пат во ИСТОРИЈАТА на овој спорт ќе се игра пред толкав број на гледачи и меѓу привилегираните ќе биде и Македонија. Кај нашиот состав се чувствува позитивна трема што мислам дека е и добар знак, тоа покажува дека на момците им значи нивниот настап и настапот за својата татковина, вели Лазаров. 

Во однос на подготвеноста, со оглед на тоа дека поминаа сериозни подготовки и неколку контролни натпревари пред заминувањето за Германија, селекторот Лазаров открива дека сите заедно ќе го дадат својот максимум. 

– Играчите се подготвени. Ова се сериозни противници, а и предизвикот е таков. Ќе го дадеме нашиот максимум во овој момент. Посакувам да не краси борбеноста и жарот во игра за што подобро претставување на својата држава, истакнува Лазаров и додава дека сите се многу реални во очекувањата. 

– Многу сме реални во нашите очекувања. Работевме квалитетно периодот, зашто за квалитетен систем е потребно време и трпение. Се надевам дека сме на вистинскиот пат со оглед на тоа дека во тимот имаме млади, талентирани храбри Македонци кои сакаат да играат и да се борат за својата држава, рече во својата изјава за Вечер.мк Лазаров. 


1128