April 16, 2024

Со име и презиме: Кои се луѓето кои ќе ја сочинуваат техничката влада?

Утре во 11 почнува седницата за избор на Нова влада која ќе има важност од 100 дена додека да бидат парламентарните избори.

Во премиерската фотелја на Ковачевски кој заминува од „Илинденска“ ќе седне досегашниот спикер Талат Џафери и ќе раководи со владата во 100 дена до избори. На негово место ќе седне Јован Митрески од СДСМ. Според договорот меѓу коалициските партнери на власт, ќе има ротација на Артан Груби и Бојан Маричиќ, така што прв заменик премиер ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања, а Артан Груби ќе биде министер за политички систем. Тој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем.

Од министерските позиции за труд и социјална политика заминува Јована Тренческа од СДСМ на позицијата дополнителен заменик во истиот ресор. На нејзиното место предложен е Ѓоко Велковски номиниран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Првата фотелја во внатрешни ја напушта Оливер Спасовски од СДСМ. Ќе ја преземе адвокатот Панче Тошковски. Во ова министерство за дополнителен заменик е предложен досегашниот шеф на кабинет на Спасовски, Митко Бојмацалиев.

На три позиции дополнителни заменици номинира и опозицијата: Елена Петрова во Министерството за финансии, Стефан Андоновски во Министерството за администрација и Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство.

Дополнителни заменици министри номинира и СДСМ и тоа Викторија Аврамовска-Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа.

Своите фотелји ги задржуваат: Славица Грковска вицепремиерка за политики за добро владеење, Фатмир Битиќи за економија, министрите за култура, екологија, земјоделство, транспорт и за одбрана остануваат Бисера Костадиновска-Стојчевска, Каја Шукова, Љупчо Николовски, Благој Бочварски и Славјанка Петровска.

Извор: МРТ


1157