March 2, 2024

Што прават мозочните импланти и зошто Илон Маск ги произведува?

Компанијата на Илон Маск Neuralink ги спроведува своите први испитувања на луѓе, вградувајќи мал чип на површината на мозокот на луѓето за да им овозможи директно да разговараат со компјутерите.

Што е Neuralink?
Neuralink е основана во 2016 година од Илон Маск (кој исто така раководи со SpaceX, Tesla и X, порано Twitter), за да ја направи врската помеѓу мозокот и компјутерите: уреди поврзани со мозокот кои им овозможуваат на луѓето да комуницираат со компјутерите само со нивните мисли.

Овие уреди би можеле да ви овозможат да извршувате едноставни задачи како што се пребарување информации или извршување сложени пресметки со помош на компјутер.

Во теорија, тие исто така би можеле да создадат технолошка телепатија, да им го вратат видот на слепите луѓе и да им овозможат на парализираните луѓе да ги контролираат протезите и движењето. Маск во минатото изјави дека технологијата на неговата компанија може да им овозможи на луѓето да формираат „еден вид симбиоза“ со вештачката интелигенција, пишува NewScientist.

Што има постигнато Neuralink досега?
Neuralink е уред со големина на паричка дизајниран да се вградува под черепот, со ситни жици кои достигнуваат на кратко растојание до мозокот за да ја читаат нервната активност.

Компанијата веќе спроведе тестови на свињи и покажа дека мајмун може да ја игра класичната видео игра Понг користејќи го уредот. Во мај 2023 година, Neuralink објави дека добил одобрение за тестирање на луѓе.

Според објавата на Маск на платформата X пред некој ден, тестирањето е веќе започнато. Анонимниот маж го доби имплантот на 28 јануари и „добро закрепнува“, рече Маск.

Други детали сѐ уште не се објавени, а Neuralink не одговори на барањето на New Scientist за коментар.

Дали ова е направено порано?
Компанијата на Маск не е единствената која работи на оваа идеја. Многу академски групи и комерцијални старт-ап веќе спроведоа испитувања на луѓе и успеаја директно да ги интерпретираат мозочните сигнали во некој вид на излез.

Тим од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија постави два мали сензори веднаш под површината на мозокот до вратот на парализиран човек.

Научниците успеаја да ги протолкуваат мозочните сигнали на лице кое мислело дека пишува со пенкало на хартија и да ги претворат во читлив текст на компјутер.

Дали технологијата е безбедна?
Тоа е она што допрва треба да се открие. Сепак, претходните експерименти на Neuralink со животни наводно биле неуспешни.

Во 2022 година, Комитетот за лекари за одговорна медицина, организација за застапување, испрати писмо до Министерството за земјоделство на САД во кое бара истрага за, како што рече, „очигледни прекршувања на Законот за благосостојба на животните поврзани со третманот на мајмуните кои се користат во инвазивни мозочни експерименти.

Во извештајот на Ројтерс истата година се цитираат документи и извори кои укажуваат дека тестовите на Неуралинк убиле 1.500 животни, во некои случаи предизвикувајќи „непотребно страдање и смрт“.

Секој уред наменет за имплантација на луѓе ќе мора да отстрани голем број регулаторни пречки за да се осигура дека самиот уред, процесот на инсталација и неговата последователна употреба се релативно безбедни и дека сите потенцијални ризици се добро разбрани.

Кога ќе биде достапен Neuralink и колку ќе чини?
Далеку сме од тоа да биде комерцијален производ, а ни претстојат многу тестирања и акредитации, па затоа е рано да се зборува за тоа. Но, Маск јасно стави до знаење дека има намера да ја комерцијализира технологијата. Првиот планиран производ се вика „Телепатија“ и ќе им овозможи на корисниците да ги контролираат своите телефони и компјутери.

Тара Спајрс-Џонс од Универзитетот во Единбург изјави за Science Media Center, непрофитна организација во Велика Британија, дека Neuralink има голем потенцијал и дека голем број истражувачки групи работат на слични идеи.

„Во неодамнешните научни експерименти (неповрзани со Neuralink), научниците успеаја да имплементираат чипови помеѓу мозокот и ‘рбетот што им помагаат на луѓето со парализа да одат, а друга работа покажува ветувачки резултати во компјутерите кои ги толкуваат мозочните бранови и го скенираат мозокот, рече таа.

Таа исто така додаде дека „повеќето од овие чипови бараат инвазивна неврохирургија и сѐ уште се во експериментална фаза, така што веројатно ќе поминат многу години пред да станат достапни“.


1071