April 25, 2024

КОВАЧЕВСКИ: Како екс премиер, со безбедносен сертификат на НАТО, имам многу информации за групи што шират лажни вести

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА вели дека од институционален аспект очекува регуларни и демократски избори, но не ја исклучува можноста од странски мешања преку дезинформации и хибридни активности.

-Што се однесува до организацијата на изборите од институционален аспект, да, очекувам регуларни и демократски избори, за тоа ќе се погрижат и Државната изборна комисија, и сите други институции коишто имаат и капацитет, сега зголемен и со претставници на опозицијата, согласно нашиот закон за техничка Влада за спроведување на изборите, вели Ковачевски.

На прашањето на МИА да даде коментар на изјавата на заменик-генералниот секретар на НАТО, дека во земјава постои опасност од дезинформации и хибридни активности во пресрет на изборите кај нас, вели дека тоа е точно.

-Тоа што го кажуваат високите претставници на НАТО, во делот на странски мешања, преку дезинформации и хибридни активности…, тоа е точно, подолг временски период. Јас за тоа имам зборувано низ повеќе јавни настапи, дека трети држави, сакаат да влијаат на изборните процеси во С. Македонија, и не само во С. Македонија, туку и во Црна Гора. Затоа што тоа се две држави кои што станаа земји-членки на НАТО а некој сметаше дека тоа се држави во коишто има отворени прашања. И се уште имаме политички партии кои сметаат дека треба да имаме отворени прашања ние, со соседна Бугарија, со Грција, затоа што тие политички партии се финансирани од држави коишто сакаат да го имаат тоа. Дел од нив не го ни кријат толку вешто, бидејќи финансирањето го прават преку трети држави, вели Ковачевски.


1035