“СВЕТСКА СОБА ЗА ДИЈАЛОГ“, или, една поинаква визија

Пишува Страшо АНГЕЛОВСКИ

Како се наближуваат изборите, се’ почесто ќе слушаме “ултрапатриотски“ изјави од типот “ќе го вратиме името“, “ќе го поништиме договорот со Атина“, “ќе ги прекинеме преговорите со Софија“… а се’ со цел да се удри во најболната точка на секој чесен Македонец, за да се добие глас, два, повеќе. И, многумина ќе поверуваат, ќе го дадат својот глас, иако малкумина, или дури никој, нема да каже ниту како тоа ќе го стори, ниту што потоа, откако, нели, се’ ќе поништи и, “ќе го врати името“.

Е потоа, будењето утредента ќе биде уште поболно, откако живеејќи дваесеттина дена во убавиот предизборен сон од “ултрапатриотските“ предизборни кампањи со “речиси вратено име“, ќе се разбудите свесни дека се’ било пуста лага за некој глас повеќе, дека го искористиле токму вашиот патриотизам за сопствен интерес.

ЕДНА ПОИНАКВА ВИЗИЈА

За мене лично и, за МААК како партија, потребата од раскинување на договорот со Атина, а со тоа и враќање на се’ што ни е одземено насилно, во состојба на окупација, е вткаена во визијата на партијата за иднината на Македонија уште при нејзиното формирање во 1990 година – Македонија – независна, самостојна, суверена, демилитаризирана и неутрална држава.

ПРВА ФАЗА:

За да го постигнеме ова, мораме, по којзнае кој пат, прецизно да ја дефинираме состојбата во која се наоѓа Република Македонија, а тоа е, според меѓународноправната терминологија, состојба на ГАРАНТНА ОКУПАЦИЈА, па да докажеме дека сите дејствија произведени во состојба на окупација се ништовни. Имено, ГАРАНТНА ОКУПАЦИЈА е ситуација КОГА ЕДНА ДРЖАВА ГИ КОНТРОЛИРА ВНАТРЕШНИТЕ РАБОТИ НА ДРУГА ДРЖАВА ВРЗ ОСНОВА НА ДОГОВОР, А ЗАРАДИ ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ИЗВРШУВАЊЕТО НА ПРЕВЗЕМЕНИТЕ ОБВРСКИ ВО НЕГО. (појасно – здравје!!!)

Со договорот од Преспа, на официјална Атина и е дозволено да се меша во внатрешните работи на Република Македонија се’ до исполнување на последната антицивилизациска обврска преземена во договорот, односно до бришење на се’ што е македонско. Тоа е еклатантен пример за ГАРАНТНА ОКУПАЦИЈА, а сите понатаму произведени дејствија се резултат на насилно однесување на окупаторот, официјална Атина и, како такви, според меѓународното право и Повелбата на ООН, се незажечки.

Во моментот, кога ќе се докаже тезата за ГАРАНТНА ОКУПАЦИЈА и за ништавност на сите меѓународни и внатрешни правни дејства извршени под окупација, започнува процесот на поништување на окупаторскиот договор од Преспа и промена на октроираниот Устав донесен под притисок на ГАРАНТНИОТ ОКУПАТОР.

ВТОРА ФАЗА:

Откако Република Македонија ќе се врати во состојбата пред ГАРАНТНАТА ОКУПАЦИЈА, односно пред потпишувањето на договорот од Преспа и, откако ќе бидат земени на одговорност колаборационистите (соработници на окупаторот) заради нивната дејност насочена против националните и државните интереси, а во интерес на надворешниот окупатор, започнува процесот на повторно етаблирање на државава во сите меѓународни организации под нејзиното уставно име – Република Македонија.

Истовремено, започнува процесот за поништување на договорот за пристапување на државава во НАТО под насилно променетото име и излегување на Република Македонија од оваа воена организација, не од каприц или омраза, туку заради создавање услови за влегување во наредната,

ТРЕТА ФАЗА:

Ова веќе подразбира сериозно етаблирање на Република Македонија како држава со визија не само за сопствениот развој, туку и за светските процеси кои се во тек. Започнува процесот на реализација на визијата на МААК од 1990 година за прогласување на Република Македонија за прва демилитаризирана зона во светот и држава со неутрален статус. Држава целосно демилитаризирана, без армија, само со национална гарда како добро обучена и опремена гранична полиција, за спречување илегални премини на мигранти и криумчарење дрога и останати забранети стоки.

Со ваквиот свој статус на неутралност и демилитаризираност, прогласен во Обединетите Нации (за што, секако, треба многу работа), Република Македонија треба да ја преземе улогата на “СВЕТСКА СОБА ЗА ДИЈАЛОГ“.

За што станува збор?

Бидејќи мултиполарниот свет станува се’ поизвесен, заради мир во светот ќе треба да се воспостави еден вид “Светски концерт“, по урнекот на “Европскиот концерт“ воспоставен во 1815 година. “Европскиот концерт“ е резултат на средбата на амбасадорите на европските држави во Виена, од ноември 1814 до јуни 1815 година, со цел да се обезбеди долгорочен мировен план за Европа со решавање на критичните прашања кои произлегле од Наполеоновите војни. Најголемиот дел од дискусиите се случил во неформални сесии меѓу најголемите сили – Австрија, Велика Британија, Франција, Русија и Прусија. Ова било прва прилика во историјата, каде што, на континентално ниво, националните претставници се собрале да формулираат договори. Ваквиот начин на работа на “Европскиот концерт“ и’ донел на Европа мир во наредните 100 (и со букви – сто) години, се’ до избувнувањето на Првата светска војна.

Денес, на светот, повеќе од кога и да е, му треба организирање на “Светски концерт“, идеја која е веќе присутна кај еден дел од светските политички теоретичари. Тоа би била постојана сесија на претставници на најголемите светски сили – САД, Русија, Кина, Јапонија, Индија, Велика Британија… кои низ дискусии ќе се обидат да обезбедат долгорочен мировен план за светот со решавање на сите критични прашања.

Истовремено, треба да се формира еден вид “нуклеарен клуб за соработка“, во кој државите кои поседуваат нуклеарно оружје, САД, Русија, Индија, Пакистан, Северна Кореја, Франција, Кина… би расправале за нуклеарните активности заради зачувување на светскиот мир.

И, зошто да не, земјите членки на Г 7 и земјите членки на БРИКС на заедничка маса да ги решаваат светските економски проблеми, а земјите, најголеми производители на гас, по примерот на земјите производители на нафта, да формираат тело во кое ќе ги регулираат правилата за производство и дистрибуција на гас.

Република Македонија, најкратко речено, според визијата на МААК, како единствена демилитаризирана и, една од малкуте неутрални држави, би била просторот на кој овие организации би се формирале и би работеле, односно, би била “СВЕТСКАТА СОБА ЗА ДИЈАЛОГ“.

Најверојатно многумина од оние кои ќе го прочитаат ова ќе се насмеат, можеби и недолично ќе коментираат, за многумина ќе изгледа како “научна фантастика“, но големите визии секогаш изгледаат така – далечни и неостварливи. Ние, посебно оние кои се занимаваат, или сакаат да се занимаваат со политика, имаме обврска да размислуваме, да анализираме, да нудиме решенија, да бараме излез и, секогаш во функција на развој на сопствената држава и, мир и благосостојба за човештвото.

Оние, кои плановите на ЕУ и на НАТО ќе ви ги понудат како своја предизборна програма, за жал, ниту имаат визија, ниту желба да сторат што и да е во интерес на сопствената држава и сопствениот народ. Нивната цел е единствено голата власт, заради остварување лични интереси и интересите на нивните налогодавачи.

(авторот е претседател на МААК)


1154