Македонија како самоодржлива или пропадната држава

Објава на проф. Дејан Трајковски на фб:

Каква врска имаат гласиштата за раскрчмување на ЕСМ и фалсификувањето на податоците за јавниот долг?

Можеби не се каузално, односно причинско-последично поврзани, но претставуваат два симптоми на една иста болест: недомаќинско водење на државата и непродуктивно трошење на народните пари, предизвикани од клептократско владеење.

Имено, по напуштањето на југословенската федерација и социјалистичкото уредување, младата македонска држава наместо да се потпре на сопствени сили и да продолжи да се самофинансира, под влијание на надворешни фактори коишто наидоа на плодна почва, под паролата „државата е лош стопан“ започна да се деиндустријализира и да се самораспродава, па откако остана без ништо вредно за распродавање – неконтролирано да се задолжува.

Досега живеевме од раскрчмувањето на наследството што ни го оставиле поранешните генерации, а сега живееме задолжувајќи ги идните генерации. При тоа нема никаков план за одржливо функционирање, односно генерирање на реални приходи од каде што би се сервисирал јавниот долг што ја проби веќе и црвената линија поставена на ниво од 60% од БДП, иако со лажни извештаи се обидуваат ова да го скријат.

Раскрчмувањето деновиве го следиме преку упропастувањето на ЕСМ и подготовката за негово криминално распродавање, а пак задолжувањето преку криењето на вистинската стапка на задолженост.

Прават сé што е погрешно, а не го применуваат единствениот правилен, реален и одржлив начин: стопанисување и генерирање приходи од реалниот сектор. Тоа претставува единствен начин за стабилно и долгорочно полнење на државниот буџет и финансирање на сегашните и идните буџетски трошоци. Се разбира, кастрењето на непродуктивните буџетски трошоци е другата страна од равенката, но доколку не заработуваме – со никакво штедење нема да можеме да излеземе од буџетската дупка. Даночните приходи не се доволни.

Дали мораме да бидеме многу иновативни во барањето начини за заработување од реалниот сектор? Не мораме претерано да бидеме. Само борејќи се против штетните намери на Владата во изминатите шест месеци за подарување на Чебрен на грчки Архиродон, како и комбинираната гасна централа на Митилинеос, нашите анализи покажаа дека без некаква голема инвентивност, туку само со следење на реалните потреби во енергетиката нашата држава би можела да обезбеди солидни приходи од реалниот сектор, поконкретно од изградба и стопанисување на објекти од критичната инфраструктура во електроенергетиката.

Се ближат парламентарните избори и токму сега имаме шанса да завртиме нова страница во развојот, да одлучиме дали ќе продолжиме безглаво да јуриме во пропаст со распродавање и задолжување или ќе го одбереме патот на самоодржливост, работа и развој. Не смееме да дозволиме, преку изборот на истите луѓе, коишто докажано штетно работеле во минатото, иднината да ни биде засекогаш и дефинитивно упропастена.

Слепата љубов кон партијата што досега сме ја симпатизирале (или со чија помош сме имале намера да ја казниме другата партија за сите неуспеси) нема сама по себе да ни донесе подобар живот. Овој пат мораме да направиме информиран и промислен избор, без никакви емоции. Изборот мора да биде поткрепен со масовно гласање, бидејќи само масовноста носи легитимитет.


1122