Познат редоследот на кандидатите за шеф на државата на гласачкото ливче

Редоследот на кандидатите за шеф на државата на гласачкото ливче беше утврден денеска на 90. седница на Државната изборна комисија по пат на ждрепка
Откако во четвртокот (21 март) Државната изборна комисија ги потврди кандидатурите на седумтемина кандидати за претседател на Република Северна Македонија, од денеска е познато и каков ќе биде редоследот на нивните имиња на гласачкото ливче.

Од денешната седница на Државната изборна комисија / Фото: Принтскрин
Прв на него ќе биде кандидатот за шеф на државата поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Стево Пендаровски. Под број 2 ќе биде кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, трет на гласачкото ливче ќе биде актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Под бројот четири на гласачкото ливче, кое на овие избори за шеф на државата ќе биде подолго во споредба со претходните изборни циклуси, ќе биде кандидатот на ДУИ, актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, петта ќе биде кандидатката на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, шести кандидатот поддржан од опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, а редниот број седум на гласачкото ливче ќе се надева дека ќе му донесе среќа на кумановскиот градоначалник и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.

За полесен преглед редоследот на кандидатите за претседател на државата на гласачкото ливче е следниов:

  1. Стево Пендаровски (СДСМ)
  2. Гордана Силјановска-Давкова (ВМРО-ДПМНЕ)
  3. Стевчо Јакимовски (ГРОМ)
  4. Бујар Османи (ДУИ)
  5. Билјана Ванковска-Цветковска (Левица)
  6. Арбен Таравари (коалиција Вреди)
  7. Максим Димитриевски (Движење ЗНАМ).

1061