April 25, 2024

ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ОПШТИНА БИТОЛА ПРИСУСТВУВАШЕ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА ВЕЛИКО ТРНОВО

Збратимениот град Велико Трново од соседна Република Бугарија, го одбележува својот празник на градот на 22 март, денот на Светите 40 Маченици. Оваа традиција датира речиси еден и пол век, поточно од далечната 1879 година.

По повод чествувањето на Денот на Велико Трново, делегација од општина Битола, составена од градоначалникот Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски, учествуваа на дводневните церемонијални содржини, со кои што беше одбележан овој голем празник на збратименот град со Битола.

Во рамките на дводневните настани, градоначалникот на општина Велико Трново Даниел Панов, се обрати со почесен говор во црквата Св. 40 Маченици, каде што се одржаа и неколку церемонии, со благослов на неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Великотарновски Григориј. Во пригодната програма, се одржа и празнична поворка со портретите на добротворите на градот, празнична церемонија на подигнување на знамето, како и голем број културно-уметнички настани.

На заедничката средба на двајцата градоначалници, беа потврдени одличните билатерални односи на двата града и соработката на двајцата градоначалници Панов и Коњановски, пред се на полето на културата. Тие го истакнаа задоволството од поддршката која што како збратимени градови постојано се надградува на релација Битола-Велико Трново, во изминатите 18 години.

Во Велико Трново, покрај делегацијата од општина Битола, присуствуваа и делегации од други збратимени градови, односно претставници на Ниш од Србија, Брага од Португалија, Будимпешта од Унгарија, Полтава од Украина, што исто така беше можност за воспоставување на меѓусебни релации и контакти на ниво на делегации од наведените општини.


1092