April 17, 2024

Демократијата на милосрдниот ангел

Пишува Страшо АНГЕЛОВСКИ

Текстов е поттикнат од три исклучително значајни настани во последниве десеттина дена. Првиот се претседателските избори во Руската Федерација, во контекст на демократијата и “демократијата“, вториот, 25-годишнината од НАТО агресијата врз тогашната СР Југославија и, третиот, секако, терористичкиот напад во Москва. Нешта кои го обликуваат современиот свет и неговата иднина.

ДЕМОКРАТИЈА – ШТО Е ТОА ?

Претпоставувам дека постојат повеќемина во државава како мене, кои “не знаат“ што претставува демократијата. Често во себе се запрашувам, а денес и вака, написмено, ќе си го поставам прашањето – а, што, навистина, е демократија ? И што, навистина, спротивно на нејзе, е автократија?

Доколку ги слушате либералните елити, оние, “од Бога дадените да владеат со светот“, демократија е просторот до каде што тие владеат или имаат влијание. Просторот на кој слободно ги шират своите економски, политички, воени, геополитички, социолошки, информативни интереси… Просторот каде што владее скриен апартхејд, каде што едно либерално малцинство изградено врз идеите на Маркс, успева да владее со мнозинството од нациите и државите, за реализација на сопствените интереси и благосостојба:

Апартхејдот го спроведуваат – во политиката – преку евроатлантската заедница, која користејќи инсталирани раководства раскокодакани во промовирањето евроатлантски “вредности“, го држат мнозинството во политичко ропство; во економијата – преку Давос и Г7, кои користејќи ги ММФ и Светската банка како најмоќни економски оружја, го пласираат безвредниот долар и го држат мнозинството во должничко ропство; во геополитиката – преку НАТО воениот сојуз, каде, преку воени закани но и воени интервенции, го држат мнозинството во геополитичко ропство; во социолошката сфера – преку малцинските ЛГБТИ… групи, каде, злоупотребувајќи поединци со извитоперени морални норми, го држат мнозинството во неморално ропство; во информативната сфера – преку либералните медиуми, социјалните мрежи и цензорите во вид на “проверувачи на факти“ ги пласираат своите и ги попречуваат сите останати информации и, го држат мнозинството во информативен мрак (информативно ропство)…

Таму, во “демократијата“, со 3 милиони фиктивни гласови испратени по пошта можете да украдете избори за претседател на САД; таму можете на се’ уште актуелен претседател да му забраните обраќање преку социјалните мрежи зашто не размислува како вас; таму можете да држите нерегистрирани затвореници во Гвантанамо и да се изживувате врз нив; таму можете да признаете референдум со недоволна излезност како успешен (Македонија), а успешниот да не биде признаен и иницијаторот да се најде во затвор (Каталонија); таму можете да го гоните со децении Џулијан Асанж само затоа што сакал да ја шири вистината; таму добивате пратеници во Европскиот парламент со петпроцентна поддршка на гласањето во сопствените држави и тие одлучуваат за судбината на сопствените држави спротивно на одлуките на пратениците во домицилните држави со пеесетпроцентна поддршка; таму можете да се однесувате според “правила“ кои сами ги носите а не според меѓународно право; таму владее демократијата на “милосрдниот ангел“, па имате “од Бога дадено право“ со бомби со осиромашен ураниум да ја ширите својата демократија…

Од другата страна, нормално, според “демокративе со ангелски лик“, се наоѓаат авторитарните режими. Тоа се сите оние каде што ММФ и Светската банка не се добредојдени, каде што ЛГБТИ неморалот е забранет, каде што либералните “проверувачи на факти“ се сметани за цензори, каде што либералните медиуми не се единствениот прозорец кон светот и, покрај уште стотици нешта, каде што економскиот развој е несопирлив и, полека но сигурно, ја надминува стагнацијата на “демократските“ држави.

Такви се, нормално, најбрзорастечката и многу скоро, најмоќната економија на светот, Кина, најмоќната економија во Европа, Русија, најверојатно и една од брзорастечките држави, Индија, можеби и државата со највисок економски раст минатата година, Виетнам…

Според либералните “демократи“, на изборите во Руската федерација, Путин победил недемократски и, според нив, на огромно незадоволство на руските граѓани. И, додека, на пример, бројот на бездомници во САД само во минатата година драматично се зголемил за дури 12 проценти, па милиони американци лежат по улиците во картонски кутии, во Русија, во времето на Путин – бруто домашниот производ се зголемил за 11,3 пати; златните резерви се зголемиле за 47,7 пати; пензиите се зголемиле за 15,6 пати; платите се зголемиле за 15,4 пати. (Податоциве, во име на вистината, ги објавувам со сиот ризик дека ќе бидам обвинет за …филство, но, нели, според Аристотел, “мил ми е Платон, но помила ми е вистината“).

Па, навистина, без каква било потешкотија можеме да го споредиме “задоволството“ на милионите американски бездомници од либералната “демократија“ и, “незадоволството“ на 88 – те проценти руски граѓани кои го дале својот глас за видливата благосостојба на “диктаторскиот режим“.

Конечно, “авторитарноста“, како поим, не треба да се меша со поимите “авторитет на власта“ и “власт на авторитети“.

АНГЕЛСКИОТ ЛИК НА ОСИРОМАШЕНИОТ УРАНИУМ

Пред 25 години, започна НАТО агресијата врз тогашната СР Југославија, со име кое најдобро го одразува лицемерието, цинизмот, ароганцијата, бруталноста и безобразлукот на државите кои учествуваа, предводени од САД – “МИЛОСРДЕН АНГЕЛ“. Во крвавата “џојстик игра“ која траеше 78 дена, во име на либералната “демократија“, беа убиени илјадници невини цивили, од кои 81 дете, за кои српскиот поет Добрица Ериќ напиша песна која завршува со стиховите – “јас сум сега на небото, ама мама ќе ме роди пак, и ќе ми даде поубаво име“.

Користењето на забранетите бомби со осиромашен ураниум предизвикаа пораст на малигните заболувања во сите балкански држави за 400 проценти и последиците, вклучително во Македонија, се чувствуваат и денес.

Агресијата е изведена без согласност на Обединетите нации и, токму затоа ја сметам за исклучително важен настан. Имено, тогаш се газат принципите на меѓународното право и, од тој ден немаме повеќе светски поредок изграден врз одредбите на меѓународното право, туку имаме диктатура на малцинството врз основа на, како што вели претседателот на САД, Бајден, правила на однесување. Се разбира, правила напишани во неговиот кабинет.

Оттука, во моментов не се врши замена на униполарниот, со нов, мултиполарен светски поредок, туку обид за повторна изградба на светски поредок кој може да обезбеди мир – втемелен на принципите на меѓународното право.

ОПЕРАЦИЈА “ГЛАДИО“

Во врска со грозоморниот терористички напад во Москва во кој веќе има 139 невини жртви (се стравува од зголемување на бројката), а за кој се’ уште нема потврдени информации за извршителите, иако официјален Вашингтон кој, патем, на 7 март годинава ги повикал своите граѓани во Москва да не се движат во најпосетените места и да не одат, замислете, на концерти, на час по несреќата објави дека тоа е дело на Исламска држава и дека Украина не е замешана.

Ова, реално, може да го тврди само некој кој, доколку не бил организатор, точно ги знае организаторите и извршителите. Токму затоа, во текстов само ќе ја споменам операцијата “Гладио“, на која многу скоро, ќе и посветам цел текст.

Новинарот Пол Вилијамс напишал книга со наслов “Операција Гладио: Нечесниот сојуз меѓу Ватикан, ЦИА и мафијата“, во која јасно укажува дека првичен творец на таканаречените “остатоци од армиите“, кои подоцна прераснуваат во терористички групи под раководство на ЦИА, со помош на ватиканската банка и мафијата, а кои егзистираат во сите европски држави за борба против советскиот комунизам, бил Рајнхард Гелен, шеф на германската воена разузнавачка служба во хитлерова Германија.

Нивни попознати акции се – насилно спречување на Италијанската комунистичка партија да формира влада во 1948 година; државните удари во Турција во 1960 и 1980 година; операцијата Прометеј и државниот удар во Грција во 1967 година; Убиството на италијанскиот политичар Алдо Моро во 1978 година; уште 14.000 акции на насилство со политички мотиви извршени од Гладио единиците “P2“ во Италија, “P26“ во Швајцарија, “Sveborg“ во Шведска, “Kaunter – Gerila“ во Турција, “Shipskin“ во Грција… и сите насочени против Советскиот Сојуз и неговото влијание.

Овие Гладио единици се оружјето на длабоките држави, кои, денес, по распадот на СССР, се трансформираат и се борат против влијанието на Руската Федерација. Не е исклучено, терористичките групи на Албанците на Косово и во Македонија да се дел од Гладио единиците, а Исламската држава, Ал Каеда и сличните на нив веќе се потврдени Гладио единици.

Оттука, најблаго речено, останува сомнежот за нечија вмешаност во терористичката акција во Москва.

Токму затоа, заради подобар увид во нештата, мојот следен текст ќе биде целосно посветен на операцијата Гладио и Гладио единиците ширум светот, терористички келии на длабоките држави.

(авторот е претседател на МААК)


1128