НА СОПСТВЕН ТРОШОК ИЗВЕДУВАЧИТЕ ЌЕ КОРЕГИРААТ СЕКАДЕ, КАДЕ ШТО СЕ ПОЈАВИЛЕ НЕДОСТАТОЦИ ВО ИЗВЕДБАТА НА ИНФРАСТРУКТУРНИТЕ ПРОЕКТИ

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, побара професионалност и одговорност во изведбата на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека, улиците на кои во изминатиот период се појавиле недостатоци по реконструкцијата, ќе бидат корегирани на трошок на изведувачите. Општински средства може да се исплатат само за успешно завршена работа, согласно склучените договори.

Интегрален текст од изјавата на градоначалникот Тони Коњановски

Почитувани сограѓани,

Секој поединец и правен субјект кој работи на проекти финансирани од општината, мора да покаже посветеност и доследност во извршувањето на обврските.

Од моја страна побарана е одговорност од изведувачите на инфраструктурните активности во Битола на улицата Стив Наумов, како и на кружниот тек кај Ветеринарната станица.

Лично побарав и од изведувачот на топловодот, да ги санира направените оштетувања на улицата „Македонски гемиџии“.

Нема да дозволам, неодговорност и непродуктивно трошење на ниту еден општински денар, а секој изведувач мора да гарантира и да изврши квалитетна работа, затоа што во спротивно штетите никако нема да бидат на товар на граѓаните и општината, туку на изведувачите, како во случаите кои ги наведов.

За доброто на Битола, крајно време е да разбереме дека професионалниот однос кон општото добро е наша должност. Така и мора да се однесуваме, за да можеме да создадеме услови, какви што и доликуваат на нашата општина.


1104