Ковачевски: Денес е тежок удар, но нема да ги наведнеме главите – ќе продолжиме да се бориме

Денес е тежок удар за европската перспектива, но се уште не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е опција за нас, ние никогаш нема да се откажеме од европската иднина за Македонија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во вечерашната изјава за медиуми.

Во изјавата Ковачевски посочи дека денешниот ден е тежок удар за европската перспектива, но дека ќе продолжи да биде на терен со граѓаните и ќе работи за добивање на поддршката за европска иднина на државата.

„Имаме две недели да ја испратиме пораката до ској град, до секое село, до секоја куќа, до секој човек, дека единствениот начин за вистинска и суштинска промена е европската интеграција на земјата. Знаеме дека луѓето се уморни од европскиот пат. Знаеме дека многу луѓе сметаат дека ЕУ не ги одржа своите ветувања. Но, нема друга опција освен земјата да биде дел од ЕУ, и не постои друг пат освен патот на европските интеграции. Време да ги ставиме на страна сите разлики и да се обединиме зад идејата за европска Македонија.Мора да ги оставиме на страна сите несогласувања. Тука ние зборуваме за иднината на земјата и ако ја пропуштиме шансата, овој пат, ќе треба далеку многу повеќе време да ја вратиме земјата на вистинскиот пат. Знам дека многу наши поддржувачи се разочарани, но сега не е време за откажување, имаме уште две недели. Јас ќе бидам на терен секој ден со вас, сите тука позади мене ќе бидат на терен секој ден и ќе работиме за да ја добиеме поддршката за европска Македонија“, порача Ковачевски.

Во изјавата за медиуми, Ковачевски, потенцираше дека нема откажување од иднината и дека борбата за европска Македонија продолжува.

„Ние нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите. Ќе продолжиме да се бориме сѐ додека не победиме. И сакам да упатам порака и до претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, поддржан од граѓаните, но и од Коалицијата за европска иднина – ова е заедничка борба, ќе се бориме заедно, рамо до рамо, затоа што ова е најважната битка за македонската иднина.Нашата цврста и одлучна борба за европска Македонија продолжува и на 8-ми мај кога не очекува вториот круг од претседателските избори, како и изборите за пратеници во републичкото собрание. Се гледаме за две недели, да живее европска Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.


1155