Убедлива победа на Силјановска Давкова: Ова се резултатите од над 90% обработени податоци

Убедлива победа освои Гордана Силјановска Давкова на денешното гласање во првиот круг од претседателските избори.

На над 90% изброени гласови таа има освоено 330.270 гласови или 39,9% од вкупниот број на гласачи.

Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, на досега објавените резултати, има освоено 164.697 гласови или 19,94%.

Се огласија двајцата кандидати кои влегуваат во вториот круг на претседателските избори.

По оваа убедлива победа, Силјановска Давкова му се заблагодари на македонскиот народ.

Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, дури се срамам зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна од многу работи, само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин. Во тоа ве уверувам, од првиот ден, изјави кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

На прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека овој резултат е инспиративен за неа.

-Горда сум на мнозина, најпрво, горда сум на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите, особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Без нив немаше да го запознам народот, ниту тие мене, рече таа.

Дополни дека треба, како што рече, да ги инспирираме граѓаните дека вреди да се учествува на избори.

-Од она што го знам, веројатно разликата ќе биде некаде околу 130.000 гласови, може и нешто повеќе. Очекувавме помалку. Но, од утре е нов ден. Почнуваме средби со граѓани како и до сега. Тргнуваме, практично, од нула, рече Пендаровски.

Вели дека гласовите се поделиле на повеќе страни затоа што имало повеќе кандидати.

-До вториот изборен круг има празници и неработни денови, но за нас тоа нема да важи. Продолжуваме до крај да го промовираме концептот во кој веруваме и јас сум убеден дека на крај ќе излеземе со мнозинска поддршка на македонските граѓани за тој концепт, рече Пендаровски.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски истакна дека излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места изнесува 49,75 отсто. На гласање излегле 810 971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789 031, а неважечки 21. 946 гласачки ливчиња.

Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните достоинствено гласале.


1116