121 ГОДИНА ОД НАЈСМЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ ЧИН

Во Солун, од 28 до 30 април 1903 година, група македонски интелектуалци, формирана со цел со динамитни акции да се предизвика интервенција на европските сили во Македонија и да се запознае европската јавност со состојбата во Македонија, Славе Мерџанов, Петар Манџуков, Јордан Поп Јорданов (Орце), Константин Кирков, Тодор Богданов, Илија Трчков, Владимир Пингов, Тодор Органџиев, Димитар Мечев, Георги Богданов, Милан Арсов, Павел Шатев и Марко Бошњаков) ги дигнаа во воздух францускиот брод „Гвадалкивир“, Отоманската банка, Поштата, Плинарницата и други јавни објекти. Овие настани, познати како Солунски атентати, извршени неколку месеци пред Илинденското востание, претставуваат најкрупен настан кој предизвика силен ефект во европската јавност и во европската дипломатија.

Осврт на Павел Шатев за подвигот на Солунските атентатори:

– „ Нарушуваме еден завет на великите македонски покојници во Солун и Сахара. Тие се беа заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на идејата, но не и на славата. Таму, во рушевините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни.

Но, историјата не памети завети… Од моментот кога Орце го запали фитиљот, којшто требаше во лицето на Отоманската банка да го фрли во воздух европскиот капитал, што ги красеше градите на деспотот Хамид – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да по 20 години станат првите светци на македонската револуција… Не само зашто македонскиот идеал, во лицето на солунските атентатори, беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата, но и зашто на 28 април 1903 година во македонската столица Солун се бореа два револуциони система: оној на рускиот анархизам, зачнат на македонска почва, којшто имаше за цел да го помати и разруши европскиот капитализам и Хамидовиот деспотизам, и оној – на Левски, кој по принцип дејствуваше низ бавна револуциона подготовка на народните маси.

Првата група е олицетворена во солунските атентати, а втората – во Илинденското востание. И тешко ќе биде за историчарите да определи кое од двете собитија било позначајно, кој од тие два система бил повеличенствен – дали примерот на личната бестрашност, или пак систематската подготовка на масите за револуцијата. И ако последното донесе едно самосознание на македонските маси, коешто веќе ја твори и втората песна на македонската епопеја, првото е оној стимул, којшто го создава македонскиот идол на револуцијата, на когошто веќе му се восхитуваат вековите… Така, солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните поколенија.

А делото коешто дошло веќе до таа кулминациона точка не може да умре… Зашто, затрупано во рушевините на Банк отоман; тоа воскресна од саможртвата на Орцето во темната солунска ноќ на 29 април 1903 година; тоа светна со неугасливиот оган на Македонија; набиено во месото на Мечето, тоа го надмина и го носи својот одек во духот на поколенијата. По 500-годишни понижувања и скрб, на 28, 29 и 30 април 1903 г., кога Орцето го палеше верижниот фитиљ против европските интереси, кога Кирков и Трчков ја гаснеја светлината на градот Солун, за да блесне факелот на идејата, кога пред Карабурун гореше параходот „Гвадалкивир”, којшто ја изнасуваше ограбената пот на поробениот македонски селанец, кога одекнуваа бомбите на македонските безумници, за избезумување на европските умници – за прв пат македонската пробудена свест го играше својот кошмарен танц над безумниот деспотизам и неговите поддржувачи.

Тоа беше делото на 12-те, коешто денес по 20 години, нè тера восхитено да се обѕрнеме назад. Не звучи ли таа смелост на подвигот, таа моќност на индивидуалитетот, како легенда, којашто е неверојатна, но примамлива, волшебна? “


1515

Задолжително

Verified by MonsterInsights