May 19, 2024

ПРОЛЕТНО УРЕДУВАЊЕ НА ПАТЕКИТЕ НА „БАЈК ПАРК СМОЛЕВО“

Со активна вклученост на членовите на клубот „Екстрим бајк тим“, се уредуваат патеките на „Бајк парк Смолево“. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со претставници на клубот присуствуваше на локациите каде се реализираат работните активности кои се насочени кон одржување и надградување на условите за рекреативни можности на сите граѓани.

Во прекрасната природа, во непосредна близина на манастирот „Св. Атанасиј“ се уредуваат четирите патеки, кои од минатата година, како новоизградени се во владение на општина Битола, а преку ваквиот начин на соработка со клубот, се настојува со задничка ангажираност, просторот во континуитет да биде уреден како што доликува.

Новиот „Бајк парк Смолево“, официјално беше отворен минатата година, а рекреативната зона претставува прекрасно место за сите генерации. Четирите патеки се со различни можности и тоа едната за искачување која е лесна и има 5 проценти нагорнина, патека за слегување со велосипед, пешачка патека и патека со која ако некој не успее да се искачи има можност да дојде брзо до слегувачката патека некаде на средината.

Претставниците на клубот, потврдуваат дека овие патеки значително се користат од граѓаните, а веруваат дека, истите ќе станат уште попривлечни за многу рекреативци.


1216