May 18, 2024

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС – СО ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО, ДА ОСТАНЕМЕ ЕДИНСТВЕНИ И ОБЕДИНЕТИ ЗА ОДБРАНА НА МАКЕДОНИЈА И ЦРКВАТА МАКЕДОНСКА!

3 мај 2024 година, Охрид, Македонија – Светскиот Македонски Конгрес по повод големиот христијански празник Воскресението Христово – Велигден упатува искрени честитки до Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, митрополитите, епископите, свештениците, монасите и монахињите на Македонската Црква, до сите православни во Македонија и до православните Македонци во сите делови на Македонија и во светот.

Нека воскресението Христово всади мир и љубов во нашите срца, при живот да ја спознаеме вистината, да го побараме спасението и да го добиеме простувањето. Верата во Бога да ја покажеме со дела на милосрдие, трудољубие, братољубие и човекољубие.

Нека воскресението Христово ја врати самопочитта, самодовербата, храброста, единството и достоинството на Македонците за државата Македонија и за Македонската Црква!

Светскиот Македонски Конгрес ги повикува Македонците, по род и државјанство, во сите делови на Македонија, во светот и татковината, на семакедонско помирување и обединување со вера во Бога и со љубов за Македонија!

Оплакувајќи ги страдањата на распетието Христово, во очекување на радосната вест за Неговото воскресение, достојно да се потсетиме на окупација врз Македонија и геноцидот врз Македонците од Балканските војни 1912-1913 година и единствени и обединети да ги одбраниме државното име Македонија и идентитетот на народот Македонски и јазикот Македонски!

Сакајте се и сакајте ја Македонија, затоа што со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател! Со Македонија не’ има, без Македонија сите заедно ќе не’ снема!

Временото обраќање “северна” кога и да е, ќе го поништиме, Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година еднострано ќе ги раскинеме, членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни органи, организации и заедници под единственото државно име Македонија ќе го продолжиме, меѓувладините македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на историјата на Македонскиот народ и на Македонија еднострано ќе ги распуштиме. Премиерот, министрите и пратениците кои гласаа за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ и извршија најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото кое не застарува, кога и да е, ќе одговараат пред судот на историјата, народот и правдата со казна доживотен затвор и конфискација на личниот имот и имотот на членовите на семејството, дома и го светот!

Да се обединиме за одбрана на името, статусот, достоинството и јурисдикцијата на Македонската Црква, како помесна автокефална црква која е дел од Едната Света Соборна и Апостолска Црква, и една и единствена легална и легитимна канонска наследничка на древната и славна автокефална Охридска Архиепископија односно Патријаршија и Јустинијана Прима! Да ја одбраниме Македонската Црква од софиските врховисти и грчките фанариоти!

Македонија вечна од исконот до бескрајот! Сите Македонци еден за друг! All Macedonians for one another! Амин! Амин! Амин!

Христ Воскресе! Навистина Воскресе!


1075