ЗОШТО БИТОЛА СТАНА АУСАЈДЕР ВО КРЕИРАЊЕТО НА ПОЛИТИКИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ДАЛИ БИТОЛА Е НА НА СПОРЕДЕН КОЛОСЕК?

Кога човек ги прелистува старите книги се враќа во минатото и, често, посакува невозможни работи. Еве, на пример, посакувам да можам со воз од Битола да одам до Цариград. Знаете зошто? За да видам дали постои зградата на Османскиот парламент каде вдахновено настапувал адвокатот од Битола Панче Дорев… Веројатно малкумина знаат за овој адвокат, публицист, дипломат и историчар, роден во 1878 година во Пателе, Леринско, а потоа преселен во Битола.

Кој е Панче Дорев?

Панче Дорев во 1903 година завршил правни науки во Цариград, работи како адвокат и како учител во Битола. Во 1903 година година има виден ангажман во Главниот штаб на ВМОРО. Меѓу 1904-1907 година специјализира право на Виенскиот универзитет. За време на Илинденското востание ја водел разузнавачката служба на Главниот штаб на ВМОРО.

Панче Дорев до Балканската војна од 1912 година развил силна општествена дејност во Отоманската империја. Групата на пратеникот од Битола во Отоманскиот парламент во својата програма посебно ја истакнувала потребата од соработка и зближување на Македонците и Турците и, преку реформирање на Турција, да се обезбеди територијалниот интегритет на Македонија. Неговата група се декларира за создавање на турско-македонска изборна коалиција, како противтежа на веќе создадената бугарско-грчка коалиција која била експонент на бугарската и грчката влада и сакала поделба на Македонија. Тој уште тогаш ја согледал опасноста по територијалниот интегритет на Македонија од дејствијата на Бугарија и на Грција и од претседателот на Турскиот парламент во Цариград барал интервенција против нивното мешање во работите на Турција. Турција тоа не го сфатила или не сакала да го сфати.

По Балканските војни уследил пеколен период за Македонија и за Битола

Панче Дорев како и другите пратеници во Османскиот парламент, многу стравувале за судбината на Македонија. Наспроти големите желби за ослободување на Македонија од Османската империја со подигањето на Илинденското востание во 1903 година главните актери се соочиле со разочарувачки резултати. Востанието било крваво задушено од турскиот аскер, а Македонците морале да ги истрпат сите репресалии од турската војска.
По Балканските војни следува пеколен период за Македонија. Територијата на Македонија билеа поделена на три дела. Битола која во 1856 година имала 46.000 жители и била центар на Битолскиот вилает, важен конзулски град и, покрај Солун, била центар на Македонија и на македонските револуционерни активности, станала периферија. Бројот на населението забрзано почнал да се намалува, многу занаети да згаснуваат. Следело забрзано назадување.

По Втората светска војна се санираат негативните последици врз Битола

Периодот пред Втората светска војна бил многу неповолен за Битола и за цела Македонија. Во повоениот период, во рамките на СФРЈ Битола забележува виден напредок и резултати во сите области. За илустрација да споменеме дека во седумдесетите години од минатиот век во Битола имаше над 40.000 вработени и врвувлици народ по улиците. Но, наместо подинамичен развој, по осамостојувањето на Република Македонија, Битола почна да се соочува со низа роблеми во развојот. Вистинските проблеми започнаа да се појавуваат во преиодот на приватизацијата на општетвениот во приватен капитал кога многу фирми беа обезвреднети и, некои, пропаднаа. Периодот на жилавата борба за одржување на претходниот развоен тренд малаксуваше и полека, Битола, покрај економски, почна да назадува во сите сфери.

Кадровска политика или геополитика?

По осамостојувањето на Република Македонија и нејзиното конституирање во самостојна и суверена држава имаше еден период на поволен општествено-економски развој. Но, за жал, тој циклус беше насилно прекинат.
Битола, постапно започна уште повеќе да го губи своето значење во рамките на Република Македонија. Битола постапно се изместуваше од некогашната и посакуваната позиција. Полека, полека Битола се префли на спореден колосек, без да има влијание во креирањето на државната политика. Дали тоа се должеше на погрешната кадровска политика или и на геополитичките околности е прашање на проценка.
Во овој контекст, логично се поставуваат повеќе прашања. Зошто Битола токму во самостојна суверена Република Македонија назадува и го губи чекорот? Зошто младите и способните кадри ја напуштаат?
Можеби побитно е да го поставиме прашањето: Дали на Битола и се потребни личности од профилот на Панче Дорев, кои знаат политика и геополитика?
Во врска со оваа тема натаму ќе следуваат искажувања на повеќе битолчани.
(1)
ВИКТОР ЈОСИФОВСКИ,
дипломиран правник

ИЗБРАНИТЕ БИТОЛЧАНИ ЗАБОРАВААТ НА БИТОЛА

Ако мене ме праша некој дали сакам еден пратеник како Панче Дорев или дали сакам да видам 5-6 пратеници во собранието на Република Македонија како понудениве на престојните избори, секако би рекол дека доволен е еден Панче кој во тоа време на пиедесталот ги излагал вистинските потреби на граѓаните и за тие се борел со сета своја политичка елоквенција.
Тоа што сме на спореден колосек не треба да го бараме во квантитетот кој не претставува како Битолчани во републичкото собрание, туку според мене проблемот е во тоа што ние не можиме да понудиме квалитет. Не можиме да најдиме личност која е репрезент на просечниот Битолчанец. А тоа секако е проблем. Ние постојано испраќаме лица кои го забораваат Битолчанецот и си го ставаат личниот интерес пред интересот на луѓето кои го гласале за да биде таму.
Би употребил малку сарказам и би рекол дека, денешните пратеници додека стигнат до парламентарното столче врват низ неколку фази, ете конкретно низ четири фази:
Прва фаза: Кога веќе се насетува дека конкретната личност е потенцијален пратеник во собранието, со помош на најблиски соработници, пријатели или фамилија, купува неколку десетици сим картички најчесто од Лајка и праќа анонимни пораки кај членови од извршниот комитет и кај претседателот на политичката партија од која доаѓа, со пофални зборови за себе и со дискредитација за сите потенцијални “соперници”. Оди по улици и се поздравува со сите, му го дава неговиот број да го бараат ако му треба за нешто, ветува брда и долини, кажува како тој ќе се бори за сите како да сме негово семјство итн.
Втора фаза: Веќе откако е избран за кандидат, почнува да купува гардероба за кампањата, да изгледа европски во неговите настапи, да започне да фаќа чекор со високата елита. Оди по бутици и се греби кај сопственикот на бутикот или кај бизнисмени од градов да добие некој попуст или да добие гардероба без да плати, а потоа ги нуди сопствените услуги како пратеник да помогни ако треба во нешто.
Трета фаза: Шета по автоплацовите бара возило. Разгледува нови коли или евентуално коли на старо, но со понова година. Тука веднаш се рачунаат патните трошоци однапред за да влезат во пресметките за плаќање на колата, за платата како пратеник да остани не чепната и цела онаква каква што е 78% зголемена.
Четврта фаза: Пратеникот после изборите се сели во Скопје и станува ново Скопјанец, а за викенд оди во Грција на море за да го избегни притисокот од граѓаните кој го носи неговата позиција. Во Битола можиш да го видиш и затекниш, Боже здравје за наредните избори. А на овие што претходно им го дал бројот од првата фаза не му крева на повиците и не им одговара на пораките.
Секако дека со вакви пратеници секогаш ќе бидеме на “магарешка клупа”, а овој спореден колосек мислам дека ќе ни остани закована дестинација.
Ние како Битолчани, во иднина треба да се бориме да испратиме во републичкото собрание остварени луѓе. Луѓе со авторитет, образ и чест. Нека биде еден, само нека биде борец кој пред сопствените лични интереси ќе го постави интересот на граѓаните на Битола, впрочем и за тоа е платен со баснословна сума на пари кои ги зема во вид на плата. Многу јасно. Се надевам дека во иднина ние како Битолчани многу посериозно ќе ја сфатиме оваа работа и ќе поработиме на тоа да испраќаме лица кои навистина ќе не репрезентираат нас и нашите потреби.


1153