Воената економија и нејзиниот вентил

Пишува Петар Поп-Арсов

Ние во Македонија сме си преокупирани со нашите секојдневни проблеми и маки. Претежно сме фокусирани на домашната политика, меѓусебните расправии и кавгите со комшиите. Тоа некако највеќе ни лежи како активност. Не дека ние сме виновниците за таквите караници, но факт е дека сме во добра кондиција во овој спорт и немаме проблем да го прифатиме секој предизвик, па дури и најситната провокација.

Што се случува во светот, подалеку од Скопје, Софија, Атина, Тирана или Белград? Тоа некако недоволно го мобилизира и привлекува нашето внимание. Впрочем, тоа јасно се гледа и според понудата на информации и текстови во македонските медиуми. Се разбира, тоа е сосема пазарен пристап. Каква е побарувачката таква е и понудата.

Тема која што треба исклучително многу да нѐ интересира е војната во Украина. Секако дека има група на граѓани кои со внимание ја следат оваа тема, но сето тоа го прават преку алтернативни извори на информирање затоа што македонскиот медиумски простор во овој дел е или сиромашен или недоволно експониран за да го сврти вниманието кон оваа жешка тема.

Темата е исклучително интересна, ако воопшто може да се каже дека разурнувањата и губењето животи треба да се дефинираат како такви. Но, кога зборуваме за интересноста на овој конфликт не мислиме само на воениот аспект, туку и на развојот на политичките и економските случувања кои го инволвираат буквално целиот свет во овој конфликт. Независно од тоа што воените дејствија се дефинирано и ограничени на територијата на Украина, учесниците во судирот се далеку повеќе и далеку ги надминуваат границите на бојното поле.

Има многу интересни случувања и ставови презентирани во последно време, особено на политички план кои што го прават видлив новиот правец на движењето на настаните.

Особено интересни се ставовите на францускиот претседател Макрон. За потсетување, тој најпрвин ја имаше средба со Путин, некаде на почетокот на февруари 2022 година во Москва, непосредно пред руската инвазија на Украина. Уште се сеќаваме на онаа слика на двајцата претседатели седнати спротивните краеви на онаа долга маса во Кремљ. Вистинската цел и мотивите за тогашната посета на Макрон останаа нејасни, барем нејасни за оној видливиот дел на политичкиот спектар. Неговата посета беше бесполезна ако за цел имаше да го разубеди Путин од агресијата кон Украина.

Во меѓувреме Франција како значаен член на НАТО имаше забележителна улога во политичката, економската и воената поддршка на Украина. На почетокот на годинава, Макрон излезе со предлог да настапи прекин на огнот во Украина за време на оддржувањето на Олимписките игри кои ќе се оддржат ова лето во Париз. Овој предлог наиде на целосно игнорирање речиси од сите страни. Набргу потоа, Макрон имаше радикална промена во ставот и се заложи за испраќање на француски војници на територијата на Украина. Деновиве неговите заложби одат во правец да ѝ се дозволи на Украина да го користи оружјето и системите донирани од Франција за да гаѓа цели на територијата на Русија. Ваквото оружје би се користело за неутрализирање исклучиво на воени цели од кои е се напаѓа Украина, а во никој случај за таргетирање на други воени или цивилни цели.

Независно од последнава ограда во однос на цивилните цели, која што самиот Макрон ја постави, дозволата за користење на француското оружје да се користи за уништување на цели на територијата на Русија е нов и повисок степен на војната во Украина кој секако дека ќе предизвика негова зголемена, а можеби и проширена ескалација.

За разлика од експлицитноста на Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц во јавноста презентираше сличен став, но во повоздржана форма. Имено, тој не даде директа дозвола за користење на германското оружје за гаѓање на цели на територијата на Русија, но сепак, ставот презентиран од страна на Макрон го завитка во дипломатски целофан и потенцираше дека Украина треба да се брани се додека го почитува меѓународното право и условите дадени од земјите кои што ја снабдуваат со оружје. Во превод кажано, во моментов Германија не дава експлицитна дозвола за користење на германското оружје против цели на територијата на Русија, но нема ништо против тоа што Франција ќе дозволи таква употреба.

Ако го земеме во предвид и моментот дека Германија повеќе делува отколку што зборува, сосема е јасно кои би биле следните чекори на оваа земја и сосема е јасно дека овие чекори ќе водат во дополнителна ескалација на војната.

Британија во моментов стои некако во позадина. Таков е впечатокот гледано од аспект на политичката активност која што е видлива за јавноста, иако знаеме дека Британија имаше клучна улога во најкритичните моменти на овој судир. Постои мислење, впечаток, новински написи, па дури излегуваат и научни трудови дека поранешниот британски премиер, Борис Џонсон, ги минирал можностите за мировни преговори и мирно решавање на овој конфликт уште на самиот негов почеток. Ова не е мислење или став кој што доаѓа од Москва, туку нешто кое што е присутно во јавноста во самата Британија. Дали тоа е така или не, ќе покаже историјата, која што секако ќе ја пишуваат победниците.

Независно од моменталната активност на нејзините политички челници, официјалната политика на Обединетото Кралство во однос на војната во Украина останува на позициите дека владата обезбедува економска, хуманитарна и одбранбена воена помош за Украина и воведува дополнителни санкции за Русија. Секако дека британското стоење во позадина, германската „воздржаност“ и француската иницијативност се дел од еден заеднички систем кој функционира и се покажа како единствен и обединет во однос на војната во Украина. Улогите можат да се сменат, но, во моментов целта останува иста.

САД, иако претставуваат најголема политичка, економска и воена поддршка за Украина, во моментов нивниот фокус е поделен на повеќе исклучително важни страни.

Претседателските избори и домашните политички превирања се едната тема. Поранешниот претседател, Трамп, веќе е прогласен за виновен во спорот кој што се води против него, но тоа нема да го спречи да ја заврши трката за американски претседател, која според сите анкети има големи шанси и да ја добие. Војната на Блискиот исток е исто така тема која сериозно го преокупира американското внимание. За Кина и ривалството што овие две земји меѓусебе го создадоа воопшто и не треба ниту да се коментира. Поголема е веројатноста да завршат сите воени судири и конфликти отколку што ќе му биде ставен крај на американско-кинеското ривалство на сите полиња.

Сите овие аспекти некако ја ставаат САД во втор план во однос на војната во Украина иако тоа секако дека не е случај. Ние само ја гледаме видливата компонента на војната во Украина и сликата која што можеме да ја составиме врз основа на информациите кои што доаќаат до нас. Но, секако дека САД имаат свои сојузници и „подизведувачи“ кои се подготвени да се активираат во вакви моменти како што тоа е случајот со Данска и Холандија кои изразија подготвеност да ѝ испорачаат на Украина борбени авиони Ф-16.

Интересен е моментот што овие авиони се способни да носат нуклеарно оружје, кој што факт дополнет со дозволата на Франција и уште неколку земји да дозволат да се гаѓаат цели на територијата на Русија, го вклучија алармот во Москва. Алармот е вклучен до тој степен што веќе почнаа заканите со нуклеарниот арсенал на Русија. Во исто време, успешните украински акции со беспилотни летала длабоко на територијата на Русија за онеспособување на радарските системи наменети за рана детекција на нуклеарни удари, извршија дополнителна мобилизација на овој план и говорат за тоа дека клучните нуклеарни сили во светот сериозно работат на ова прашање, многу повеќе отколку тоа што се споделува со јавноста.

Географската положба на овие радарски системи е таква да нивното онеспособување ја прави Русија слепа кон Персискиот залив при што југот на русија и буквално целата територија на Иран остануваат непокриени. На овој начин доаѓаме до точка на контакт меќу двата постоечки судири во светот. Војната во Израел и Газа и војната во Украина. Оваа точка на спојување не води кон заклучок дека не постои изолираност меѓу овие два конфликта ниту пак постои изолираност меѓу било кој конфликт на оваа планета.

Путин веќе нареди да се спроведат воени вежби за користење на тактичко нуклеарно оружје на бојното поле која што наредба беше правдана како одговор на провокациите кои што најмногу доаѓаат од Париз и заканите за испраќање на воени трупи во Украина. Политичката моќ на Путин сега е уште поголема со почетокот на неговиот нов претседателски мандат.

Ако внимателно ги земеме во предвид сите информации кои што постепено ѝ се сервираат на јавноста и ако ги вкрстиме со случувањата на теренот, јасно може да заклучиме дека Европа и светот се далеку од посакуваниот мир. Напротив, мирот не само што е далеку туку војната е се поблиску. Развојот на настаните и постепените чекори кои што ги вршат двете страни, по правило секогаш во правец на зголемување на ескалацијата на судирот, укажуваат на тоа дека војната ќе потрае, ќе се зголеми, а можеби и прошири. Влогот станува се поголем и веќе светот оди кон точката од која враќањето назад ќе биде исклучително тешко.

Нашата преокупација со домашните теми нѐ држи по малку настрана од овој страшен судир, но тоа не значи дека земјата веќе не е инволвирана на ваков или онаков начин во истиот. Најзагрижувачки од сѐ е тоа што никој во светот не говори за прекин на огнот или за некакви мировни преговори. Загрижувачки е тоа што сѐ повеќе и повеќе европската економија оди во правец на воена економија кое што како процес на крајот од денот мора да има свој вентил за испуштање. Вентилот за испуштање на воената економија знаеме како изгледа. Сме учеле од историјата!

Ставовите искажани во рубриката Колумна се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


1243

Задолжително