Украина со пресврт ја совлада Словачка со 2:1

Фудбалската репрезентација на Украина ја совлада Словачка со 2:1 (0:1) во 2.коло од групата Е на ЕУРО во Дизелдорф. Словачка поведе со голот на Иван Шранц во 17, а Украина подоцна направи пресврт преку Микола Шапаренко во 54 и Роман Јаремчук во 80 минута.

Украинскиот селектор Сергеј Ребров направи дури четири измени во стартната постава во однос на поразот од Украина од 0:3, а најззначајната беше на голот каде Трубин го замени Лунин. Покрај тоа, капитенот Степаненко се пресели на клупата и беше заменет од Јармоленко, уште една промена во средниот ред беше воведувањето на Брашко наместо Циганков, додека Тимчик го замени Конопља на десното крило.

Од друга страна, Словачка стартуваше со истата екипа која во 1. коло беше подобра од Белгија, а ваквиот избор на италијанскиот стратег Франческо Калцона се покажа како оправдан, бидејќи Словаците многу подобро го започнаа дуелот.

По двата обида на Хараслин од 8. и 10. минута, кои рутински ги одбрани украинскиот голман Трубин го оправда своето вклучување во тимот со бравурозна одбрана во 11. минута. Ханко мина по левото крило на нападот на Словачка, нафрли пред голот каде Матвијенко реагираше несмасно и за малку ќе си постигнеше автогол, во продолжението од акцијата топката стигна до Шранц, но неговиот удар од непосредна близина Трубин успеа да со своето тело да го одбие во поле.

Сепак, во 17. минута ниту расположениот Трубин не можеше да ги затвори сите дупки што ги остави неговата одбрана. На почетокот на акцијата, токму Трубин го одби слободниот удар на Ханк, но левата страна на украинската одбрана „заспа“, Хараслин се избори за простор за центаршут кој го прелета лошо поставениот Зинченко, а Шранц лесно ја искористи шансата и со глава го совлада Трубин.

Дури откако падна во негатива Украина понуди нешто офанзивно, па во 28. минута Мудрик прекрасно го проигра Довбик во шеснаесетникот, со убав дриблинг се ослободи од двајца чувари, но последниот удар сепак беше блокиран. Пет минути подоцна, десниот бек Тимчик од околу 15 метри дијагонала ја погоди стативата, а во 36. минута Мудрик ја прифати топката во шеснаесетникот, се ослободи од Вавро, но Дубравка одлично ја прочита ситуацијата и со навремено истрчување ја елиминира опасноста.

Словачка можеше да замине на пауза и со два гола предност, но ударот по земја на Хараслин од 20 метри Трубин успеа да го „ископа“ од долниот лев агол.

Украина порешително го започна продолжението и израмни во 54. минута. Мудрик го повлече нападот, освои голем дел од теренот и го вработи Довбик, кој мудро запре и го чекаше доаѓањето на соиграчите. Топката беше додадена на левото крило, каде натрча Зинченко, а со луцидна приземјена топка на 12 метри ја намести за шут на Шапаренко, кој пристигна од втор план и погоди во долниот десен агол на немоќната Дубравка.

Украина имаше уште една одлична можност во 74. минута кога тргна во контранапад, Јаремчук му ја даде топката на Мудрик, но неговиот кос удар беше сопрен покрај стативата. Сепак, комплетен пресврт дојде во 80. минута, кога Шапаренко ја нафрли топката од десната страна во шеснаесетникот, минувајќи ги двата стопера од Словачка, а тој центаршут добро го следеше Јаремчук, кој малку пред Дубравка стигна до топката и со лесен допри ја сврти во мрежата.

И Словачка и Украина по два настапа имаат по три бода. Три бода во групата Е има и Романија, додека Белгија нема бодови. Белгија и Романија во сабота ќе го одиграат натпреварот од 2. коло.


1116