Сиљановска Давкова прими претставници на Националниот сојуз на слепи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими делегација од Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, сочинета од Жарко Селковски, претседател и Ирена Бојмалиева и Лупчо Ваневски, членови на сојузот.

На средбата, претставниците на Националниот сојуз на слепи ја информираа претседателката Сиљановска Давкова за нивните тековни активности, како и за нивните идни ангажмани во насока на заштита на правата на лицата со оштетен вид и нивна инклузија во сите сегменти на македонското општество. Претставниците на сојузот посочија дека обединуваат над 2600 лица со целосно или делумно оштетен вид на територијата на целата држава и истакнаа дека Националниот сојуз на слепи е член на неколку меѓународни организации, меѓу кои се Балканскиот консултативен комитет, Европскиот и Светскиот сојуз на слепи.

Претседателката Сиљановска Давкова порача дека само преку тесна соработка меѓу сојузот и релевантните државни институции ќе се подигне свеста за унапредување на правата на лицата со оштетен вид.

Соговорниците се согласија дека е неопходно да се подобри животниот стандард на овие лица, како и да им се олесни пристапноста до соодветно образование, здравство, култура и спорт.


1083