Потрошени парите за плати за вработените во „Пошта“ и „Железници“ до крајот на годината, Николоски вели дека се бара решение

„Во мојот воведен говор искористив да кажам каква е состојбата во моментот во државата. Сакам да споделам неколку податоци за да ги знаете и вие. Буџетската дупка е огромна, трошоците се огромни, но тоа не значи дека нема да го реализираме она што го ветуваме и веќе со ребалансот на буџетот, кој би требало да биде усвоен во Собранието до крајот на јули, а да биде поднесен веќе следната недела,  планираме да доделиме 100 милиони евра помош за општините со пакетот за поддршка на општините што го ветивме, а кој в година ќе биде 250 милиони евра затоа што ќе биде цела година, а пензиите се зголемуваат 5.000 денари како што ветивме и почнуваат од следниот месец со 2.500 денари и до март уште 2.500 денари, така што 5.000 денари во една година, како што ветивме“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на одбележувањето 34 години од основањето на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица и додаде:

„Во однос на состојбата можам само да кажам за мојот ресор, таа е финансиски катастрофална. Во моментот се бориме 4.400 луѓе воопшто дали ќе може да земат плата до крајот на годината. Се работи за вработените во ‘Пошта’, во ‘Македонски железници – Транспорт’ и ‘Македонски железници – Инфраструктура’. За жал, досегашните раководства ги потрошиле средствата за работа што требало да им бидат за 12 месеци, тие ги потрошиле за 6 месеци и за преостанатите 6 месеци се бориме дали воопшто овие вработени ќе земат плата. Навистина правиме натчовечки напори со вработените во Министерството за транспорт за да успееме да обезбедиме плата за овие вработени“, истакна Николоски.

Во однос на тоа дали вработените ќе земат плата и дали има некое решение, Николоски рече дека нема да дозволи 4.400 семејства да останат без приходи.

„Работиме со вработените во Министерството за транспорт интензивно, но мора луѓето да ја знаат вистината, а тоа е дека буџетите што ги добиле овие три јавни претпријатија досегашните раководства ги потрошиле за шест месеци, тоа е вистината. А секако јас нема да дозволам 4.400 семејства да останат без приходи, но мора да ја знаат вистината“, истакна Николоски.


1112