Коронавирусот пламна на Балканот, некаде се враќаат маските, се забрануваат журките!

Грција бележи голем пораст на бројот на заразени од ковид, до тој степен што некои држави издадоа итно предупредување до своите граѓани што одат таму на одмор, а болниците во Атина повторно го воведоа задолжителното носење на маски. Бугарија, исто така издаде предупредување до оние што планираат да одат на одмор на “грчко море”. Ковид-19 се шири на Балканот, па не е исклучено да се воведат посериозни мерки на заштита и во другите држави каде што има летувалишта со масовен туризам. Црна Гора, пред три дена, ја забрани работата на дискотеките и на ноќните клубови на отворен и на затворен простор. И хрватскиот Завод за здравствена заштита информира дека бројот на заразени од ковид-19 во повеќето жупании е во пораст.

Зголемен број заболени од ковид-19 регистрира и Албанија, а раст на бројот на заболени пријавуваат и Србија и Македонија.

Грција бележи голем пораст на бројот на заразени од ковид, до тој степен што некои држави издадоа итно предупредување до своите граѓани што одат таму на одмор.

По растот на бројот на заболени во последните 20 дена за 44 проценти, Националната јавно здравствена организација почна да дава бесплатни тестови, а болниците во Атина повторно го воведоа задолжителното носење заштитни маски. Некои болници отидоа подалеку, па почнаа да ги тестираат посетителите.

Упатено е итно предупредување до туристите од Велика Британија што одат во Грција, токму поради ширењето на новиот вид ковид наречен „ФЛиРТ“.

Во соопштението упатено до нив се наведува дека оние што се подложни на заразни болести како што е коронавирусот, особено постарите, треба да бидат внимателни и брзо да реагираат на првите симптоми на заразата.

Бугарија, која граничи со Грција, исто така издаде предупредување до оние што планираат да одат на одмор на југ.

Вчера заседаваше Здравствениот одбор на Грција, а претседателот Јоргос Патулис изјави дека има голем пораст на случаите во однос на тој период лани. Тој предупреди дека сезоната на годишни одмори е особено чувствителен период поради големиот број луѓе што доаѓаат во земјата.

Ковид-19 се шири на Балканот, па не е исклучено да се воведат посериозни мерки на заштита и во другите држави каде што има летувалишта со масовен туризам.

Црна Гора, пред три дена, ја забрани работата на дискотеките и на ноќните клубови на отворен и на затворен простор и планира да ги отвори на 2 август, но само за целосно вакцинираните, за оние што ја примиле првата доза, оние што имаат негативен ПЦР-тест или доказ дека го прележале коронавирусот. Директорот на ИЈЗ, Игор Галиќ, информира дека 153 туристи се позитивни на коронавирусот.

– Имаме над 100.000 туристи, од кои 11.450 се тестирани. Само 153 беа позитивни и сите беа проследени – рече тој.

И хрватскиот Завод за здравствена заштита информира дека бројот на заразени од ковид-19 во повеќето жупании е во пораст. За една недела, бројот на заразени скокнал за 100, но не се регистрирани смртни случаи. Поради тоа, веќе две недели во болницата во Сплит се забранети посети на болните на Инфективната клиника.

Зголемен број заболени од ковид-19 регистрира и Албанија.

– Ковидот е присутен во текот на целата година, во ниту еден момент не сме имале 0 случаи. Сега забележуваме флуктуација на кривата и имаме десетици случаи дневно – потврдува  Еугена Томини, директорка на албанскиот Завод за јавно здравје.

Во Албанија доминира варијантата омикрон, но нема хоспитализирани.

Раст на бројот на заболени пријавуваат и Србија и Македонија, каде што надлежните смируваат дека тоа не значи влошување на епидемиолошката состојба.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно објави дека ковидот не е победен и дека, во светот, секоја недела умираат околу 1.700 луѓе од овој вирус.


1124

Задолжително

Verified by MonsterInsights