Општина Битола со повеќе настани ќе го одбележи денот на ослободувањето на градот
Со параглајдинг во чест на 4 ноември во организација на Параглајдинг клубот Летечки конзули, од 26 октомври започнаа програмските активности за одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на Битола. Активностите продолжуваат на 30 октомври со отворање на фестивалот на „Мала школа за краток филм“ во Центарот за култура и полуфинале на „4 Ноемвриски турнир во куглање“ во организација на Кугларскиот клуб Пелистер 1982 и Кугларски клуб Пелистер Пин. На 31 октомври во 19:00 часот, во организација на Македонско-турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“ во Кино „Манаки“ ќе биде прикажан филмот „80 години слободна Битола“.
На 1 ноември во Офицерскиот дом ќе се одржи ликовна работилница за деца на тема „Битола е инспирација“ – 80 метри слика за 80 години слобода на градот, а во истиот термин во ресторан „Премир центар“ ќе се одржи Шаховски турнир за слепи лица. Во 12:00 часот во организација на Младинскиот културен центар, во соработка со Локалниот економско социјален совет во 12:00 часот во хотел „Милениум“ ќе се одржи јавна дискусија на тема „Праведна и зелена транзиција за Битола“. Во 17:00 часот најмладите од ЈОУДГ ќе бидат дел од настанот „Битола низ детските очи“, а во 19:00 часот во малата сала на Центарот за култура ќе биде отворен Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“.
На 2 ноември ќе биде организирана ОФФ Роуд тура по повод ослободувањето на град Битола, а планирани се две изложби: „Изложба на 80-метарско платно со ликовни творби“ во Офицерски дом и „Блиски сеќавања од Битола“ – изложба на фотографии.
На 3 ноември дел од програмата е традиционалната ноќна атлетска трка „4 Ноември“, во организација на Сојузот на спортови.
На 4 ноември активностите започнуваат од 10:00 часот со оддавање почит на загинатите борци пред споменикот на Плоштадот „Гоце Делчев“, а во духот на хуманоста програмата продолжува со Крводарителска акција наменета за вработените во Општина Битола. Повеќе делегации од збратимените градови по повод празникот ќе гостуваат во Битола, а Свечената академија за доделување на Наградите 4 Ноември ќе понуди настан за паметење во Центарот за култура од 19:00 часот. На празникот на градот, подрачното одделение на Државниот архив во Офицерскиот дом во 20:30 ќе ја отвори изложбата „Битола – слободна“.
Културните настани збогатени со квалитетни содржини ќе продолжат до 14 ноември, со прекрасна понуда за публиката во чест на 80-годишнината од ослободувањето на Битола, најави Општината.