‘‘80 ГОДИНИ СЛОБОДНА БИТОЛА‘‘ ВО ЧЕТВРТОК ПРЕМИЕРНО ВО КИНО МАНАКИ ВО БИТОЛА
Во организација на Македонско-турското здружение ‘‘Мустафа Кемал Ататурк‘‘-Битола, во четврток, на 31.10.2024г. со почеток во 19.00ч. во Кино ‘‘Манаки‘‘ во Битола, премиерно ќе биде прикажан документарниот филм ‘‘80 години слободна Битола‘‘. Филмот е во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години од ослободувањето на Битола. Автори на филмот се Шенол Мемиш – режија и Дејан Младеновиќ – камера и монтажа и ова е нивни втор заеднички проект.

Во филмот, учествуваат десеттина лица со различни професии, секој успешен во својата дејност, како и Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, директорите на Завод и Музеј – Битола, Зоран Николовски и на Битолскиот народен театар, Васко Мавровски, внукот на народниот херој Стеван Наумов – Стив, Стефан Бошков, поранешни пратеници, музичари, претставници на невладиниот сектор и други.
Кусата верзија на првиот документарен филм на двоецот Шенол Мемиш – Дејан Младеновиќ посветен на битолската новинарска и спортска жива легенда, Димче Миновски, на Фестивалот ‘‘Камера 300‘‘ доби Златна плакета за најдобра камера која ќе им биде врачена на 01 Ноември.
Медиумски покровител на филмот е Порталот ПЕЛАНЕТ од Битола.