Ивановски е херој, Пелистер го доби Вардар во спектакуларното дерби!

Фудбалерите на Пелистер со гол во судиското продолжение го решија Вардар (1-0) во последниот натпревар од 13. коло на ПМФЛ. Историски за првпат на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола се играше натпревар под рефлектори во вечерен термин. Атмосферата на дербито беше перфектна, преку 6.000 приврзаници на Пелистер, како и неколку стотина на Вардар придонесоа за дерби како што му доликува на мак-фудбалот. Човек на одлука беше капитенот на „зелено-белите“ Мирко Ивановски кој во 92. минута го реши натпреварот.

Првата закана на натпреварот ја имаше искусниот Мирко Ивановски кој го тестира голманот Гачевски. Се обидоа и вардарци по брза транзиција, Омерагиќ нафрли и топката од блокот заврши кај голманот Јовчевски. Темпото на играта не беше многу завидно, тактичкиот пристап на тренерите придонесе за такво нешто, но затоа на трибините имаше спектакл. „Чкембарите“ имаа вистинско пиротехничко шоу, а дербито доби додадена вредност кога на спротивната страна пристигнаа и „Комитите“. Пред полувремето пелистерци се наметнаа и почнаа да притискаат, меѓутоа одбраната на гостите беше компактна. Најзрелата шанса во првиот дел ја имаше Вардар по една контра. Дефанзивците на Пелистер погрешија, а откосо во опасна ситуација стигна Горан Закариќ. Босанскиот фудбалер сакаше да го лобува излезениот голман Јовчевски, но ударот му заврши над голот. По долгото судиско продолжение, на полувреме се замина без голови со почетните 0-0.

Вториот дел тргна исто како и првиот, со обид на Ивановски од дистанца. Потоа Вардар се консолидира и ја презеде иницијативата. Заиграа момците на Захариевски нешто поофанзивно, а во неколку минути наредија три шанси. Во сите три ситуации најопасен беше Џибрил Дианеси. Францускиот напаѓач прво излета сам пред голот и биеше над пречката, потоа по нафрлување на Босанчиќ не се снајде најдобро, а во третиот обид со глава шутна над голот.

Следеа минути кои му припаднаа на Пелистер, имаа битолчани обиди да го загрозат гостинскиот гол кои не резултираа со погодок. Во завршницата се влезе со мирно темпо, тренерите посегнаа по клупите со цел да освежат. Последната минута од регуларниот дел ја донесе и најдобрата прилика за вардарци, по центаршут со глава биеше Дианеси, а Јовчевски одби во корнер. Течеше 92. минута кога падна единствениот гол на натпреварот. По едно нафрлување пелистерци бараа пенал, но топката падна пред Мирко Ивановски кој стрела за ерупција од одушевување на трибините. За овој гол капитенот заврши и на трибина, а за тоа доби втора јавна опомена. 

Битолчани на овој начин одлично му се одмаздија на лутиот ривал за поразот во првото „вечно дерби“, кога на сличен начин во Скопје со голот на Дианеси во судиското надополнување Вардар дојде до триумф.

Со оваа победа Пелистер скокна на седмото место со 16 бода, додека Вардар е на дното со осум.

ИЗВОР: ГОЛ.МК


1240

Задолжително

Verified by MonsterInsights