80 години од формирањето на Првата Егејска Македонска ударна бригада во Битола
Денес во Битола, на платото пред Пожарната, каде што се наоѓа спомен плоча се одбележаа 80 години од формирањето на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола.
Пред присутните се обратија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на на Македонија МАКЕДОН, Александар Јаневски и Ташко Јованов, а настанот беше отворен со изведување на македонската химна од страна на младиот битолски уметник Никола Зацевски-Зац.
Настанот е посветен за сеќавање на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, попозната како Егејска бригада е формирана на 18 ноември, на местото каде што денеска се наоѓа Против пожарната единица во Битола. Во време на формирањето, бригадата броела над две илјади борци, распоредени во четири баталјони.
Штабот на бригадата го сочинуваа Илија Димовски-Гоче командант, негов заменик Наум Пејов, политички комесар, Михаил Керамитчиев и заменик комесар Вангел Ајановски-Оче.
Во почетокот на март 1945 година, Бригадата била стационирана во Битола и Гевгелија, а со наредба на 2 април 1945 година на Главниот Штаб на НОВ на Македонија, Бригадата била расформирана, додека нејзиниот боречки состав бил распореден во други единици.





