Битолски ученици победија со идеја за рециклирана мода
Тимот „Екорозе“ од СЕУ „Јане Сандански“ – Битола го освои првото место на државниот натпревар по циркуларна економија, одржан на Економскиот факултет во Прилеп, со иновативна идеја за преработка на текстилен отпад во модни додатоци.
Учениците Андреа Трајковска, Изабела Шишковска, Андреа Наумовска и Бојан Нацов, под менторство на професорката Соња Карапашовска, презентираа проект кој трансформира стари алишта во рози, венчиња и стегачи за коса, притоа предлагајќи и онлајн продавница и специјални розови контејнери за собирање на отпадниот текстил.
Проектот предвидува и социјална димензија – вклучување на лица со попреченост и употреба на електрично возило за собирање на отпад, со што е нагласен потенцијалот на циркуларната економија за еколошки и општествен развој. Победничкиот тим освои 10.000 денари и сертификати со бенефиции за упис на факултет.
Натпреварот вклучи 17 училишта, а меѓу наградените се и СОУ „Цар Самоил“ – Ресен (второ место) и гимназијата „Мирче Ацев“ – Прилеп (трето место). Специјалната награда на „Пакомак“ ја доби СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп.