Нова улица, нови можности: Битола гради инфраструктура за иднината
Во поранешната касарна никнува модерна инфраструктура со над 100 паркинг места, канализација, водовод и поддршка за ИТ индустријата.
Во населбата кај поранешната касарна АРМ во Битола започна изградбата на нова инфраструктура на улицата СТУ 3, проект вреден речиси 20 милиони денари. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со заменикот Бојан Бојкоски и претставници од КЈП „Нискоградба“ и општинската администрација, денес извршија теренски увид во работите на терен.
Изведбата вклучува поставување на 404 метри фекална и 601 метар атмосферска канализација, со рок од 40 работни дена и инвестиција од 7,4 милиони денари. Во втората фаза ќе се постави и нова водоводна инсталација од 398 метри, вредна дополнителни 2 милиони денари. Новопроектираниот коловоз, кој ќе ги поврзува улиците „Глигор Прличев“ и „Рокдајл“, ќе биде долг 421 метар и ќе обезбеди над 100 нови паркинг места.
Општинската делегација ја посети и ИТ-компанијата X3M Labs, која работи во овој реон и ќе добие директен инфраструктурен пристап до новата улица. Компанијата, која вработува 50 лица, е специјализирана за развој на софтвер, веб и мобилни апликации, а соработува со клиенти од Европа и САД. Дел од компанијата е и 4F Studios, фокусирана на мобилни видеоигри.
Проектот е дел од годишната програма на општината, но и одговор на барањата на компаниите кои делуваат во овој дел на градот. Од X3M Labs изразија благодарност за ангажманот на општината и најавија нови деловни активности благодарение на подобрената инфраструктура.