Битола со почит кон херојот, реновирана Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола

122 години од смртта на Гоце Делчев одбележани со отворање на Спомен-куќа.

Со свечено отворање на обновената Спомен-куќа на Гоце Делчев, Битола денес го одбележа 122-от спомен на смртта на еден од најголемите македонски визионери и револуционери. Објектот, кој некогаш бил сопственост на битолското семејство Ракиџиеви, е реставриран и пренаменет во културно-меморијален простор што ќе сведочи за животот и делото на Делчев.

На настанот присуствуваа градоначалникот на Битола Тони Коњановски, пратеникот Пеце Милевски, пратеничката Олга Лозановска, советникот Бојан Бојковски, претседателката на Унијата на жени при ВМРО-ДПМНЕ од Битола и др. Тие положија цвеќе и одржаа кратки пригодни обраќања, нагласувајќи го значењето на Делчев за македонската историја и иднина.

„Гоце Делчев не нè учеше само на борба, туку и на визија, просветителство и човечност. Денеска нè обединува неговото дело,“ истакна градоначалникот Коњановски.

Реконструкцијата на куќата има за цел да ја збогати културно-историската понуда на Битола, но и да послужи како место на сеќавање, едукација и инспирација за идните генерации. Отворањето на вакви меморијални објекти претставува континуитет на заедничката грижа за националната меморија и идентитет.

„Неговото родољубие и денес е патоказ за сите кои ја сакаат и ѝ мислат добро на Македонија,“ – беше пораката што одекна во градот под Пелистер.

Вечна слава, Учителе.

#битола#македонија


1231

Задолжително

Verified by MonsterInsights