Се очекува експлозија на златните визи во Грција
Додека многу земји од ЕУ се откажуваат од престој преку инвестиции, Грција ја задржува програмата – шанса и за инвеститори од Македонија.
Во време кога сè повеќе земји-членки на Европската Унија ги укинуваат т.н. програми за “златна виза”, Грција и понатаму останува една од најпривлечните дестинации за инвеститорите што сакаат да добијат пристап до ЕУ преку вложување во недвижности.
Само до март 2025 година, Грција има издадено над 6.772 вакви визи на кинески државјани, 1.635 на турски, 812 на либански, 608 на британски и 589 на ирански инвеститори. Се повеќе инвеститори од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија, ја разгледуваат оваа програма како начин за пристап до европскиот пазар, но и како сигурна инвестиција.
Програмата за “златна виза” овозможува добивање дозвола за постојан престој во Грција преку инвестирање во недвижности, со што инвеститорите добиваат и можност за патување низ Шенген-зоната.
Нови прагови на инвестиции
Минималната вредност за влез во програмата е зголемена на 800.000 евра за атрактивни подрачја како Атика, Солун, Миконос и Санторини, додека за останатиот дел од земјата прагот е 400.000 евра. Сепак, програмата овозможува и алтернативни решенија за инвеститорите со помал буџет. Така, вложување од 250.000 евра во индустриски објекти, магацини или канцеларии што можат да се пренаменат во станбени единици се покажува како сè популарна опција.
Зошто Грција?
- Географска близина и поврзаност со Македонија
- Стабилна законска рамка и јасен процес
- Пристап до пазарот на ЕУ
- Потенцијал за раст на вредноста на имотот
Според експертите, укинувањето на сличните програми во Шпанија и Португалија ќе го зголеми интересот за грчкиот пазар. Македонските инвеститори веќе го препознаваат потенцијалот, особено оние кои сакаат да обезбедат долгорочна правна и економска стабилност надвор од домашните граници.
За оние кои бараат стратегиска диверзификација на имотот и сигурен пат кон ЕУ, Грција во моментов нуди една од најатрактивните можности.