Како се ископаа милиони: Обвинение за злоупотреби во РЕК Битола
Седуммина обвинети за незаконита јавна набавка вредна над 700 милиони денари – замрзнати средства и сериозни пропусти во надзорот.
Битолското јавно обвинителство поднесе обвинение против седум лица, осомничени дека со злоупотреба на службената положба го оштетиле буџетот на АД ЕСМ – подружница РЕК „Битола“ за речиси 180 милиони денари. Обвинетите, меѓу кои и членови на стручни и тендерски комисии, се сомничат дека незаконски ја елиминирале понудата на економски оператор и овозможиле избор на фирма со значително повисока понуда.
Случајот се однесува на тендер за ископ на јаловина во рудникот „Брод – Гнеотино“, каде во 2022 година бил склучен договор со битолската фирма РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ во износ од 708 милиони денари со ДДВ. Само една година подоцна, во септември 2023, бил потпишан анекс со кој вредноста на договорот се зголемува за уште 120 милиони денари – без претходна економска анализа или обезбедени средства, спротивно на законските прописи.
Според обвинението, незаконитата елиминација на конкурентската понуда, која ги исполнувала сите услови, се темелела на произволно и неточно стручно мислење. Комисијата го прифатила тоа мислење, а на електронската аукција биле повикани само два други оператори со поскапи понуди.
Дополнително, обвинение е поднесено и против тројца вработени во Бирото за јавни набавки, кои се товарат за несовесно работење. Тие, според Обвинителството, пропуштиле да го забележат прекршувањето при контролата на документацијата и дале инструкции да се продолжи со постапката, иако требало да ја стопираат.
Надлежниот јавен обвинител поднесе и барање за конфискација на прибавената имотна корист – 178.370.319 денари, веќе привремено замрзната на сметка на правното лице, до донесување на правосилна судска одлука.
Овој случај фрла ново светло врз транспарентноста и законитоста на јавните набавки во државните претпријатија, особено кога станува збор за договори вредни стотици милиони денари.