Кинезите стигнаа – и не се шегуваат
Пишува: Ѕвездослав Обсидијан
Пред само неколку години, кинеските автомобили беа шега во автомобилската индустрија – непроверени, евтини и сомнителни по квалитет. Денес, Европа се буди со нова реалност: BYD ја престигнува Тесла по обем на производство, MG (сега кинески бренд) е сè почест избор кај младите Европејци, а ценовните етикети на овие возила делуваат како време-капсули од 2015 година.
Во исто време, цените на европските возила скокнаа за 40%. И не, не зборуваме за луксузните лимузини, туку за компактни, некогаш пристапни модели како „Рено Клио“. Извршните директори на Рено и Стеланис сигнализираат аларм: возилата стануваат премногу скапи за просечниот човек, а регулативите – иако создадени со добра намера – го гушат домашното производство.
Кога еколошките намери стануваат економска болка
Не е проблемот што сакаме почист воздух – тоа е неопходно. Проблемот е што брзината со која се менуваат правилата и обемот на новите барања го прават малиот, пристапен автомобил економски неодржлив. Додадете на тоа задолжителни системи за безбедност, асистенција, па алгоритми за пешаци и – ете ви го „Клиото“ од 13.000 на 18.000 евра. Истото се случува и со другите модели. А не секој купувач во Европа е богат Норвежанец со домашен полнач и соларен кров.
Во меѓувреме, Кина не само што произведува евтини електрични автомобили, туку ги прави и добри. Многу добри. Со батерии што траат, со екрани како таблети и со дизајн кој веќе не изгледа како „копи-пејст“ од некој BMW. Разликата? Тие немаат 100 различни закони што се менуваат на секои шест месеци. И имаат држава која им стои зад грб со субвенции, стратешки план и долгорочна визија.
Европа се плаши, но не знае како да одговори
Европските лидери зборуваат за „иновации“, „одржливост“ и „интегритет“, но реалноста на улиците е поинаква. Купувачот сака да стигне до работа, да однесе деца во школо, да не плати цела плата за сервис. И ако тоа значи да избере кинески модел од 17.000 евра наместо германски од 27.000, нема многу што да го спречи.
Кина веќе ја освои Африка, Јужна Америка и Источна Европа затоа европјаните заборавија што значи “достапен автомобил”.
Да не биде доцна кога ќе сфатиме
Ова не е романса со Кина. Ова е повик за будење. Ако Европа не најде начин да ги упростува регулативите, да го поттикнува производството и да мисли за купувачот, ќе гледаме како европската индустрија станува музеј на автомобили. А во дворот ќе паркираат кинески модели со пет години гаранција и месечна рата што не боли.
Пазарот не чека. Купувачите уште помалку.