Македонија2025: Мицкоски за реформите и дигитализацијата како клуч за раст
Во присуство на над 700 учесници од земјата и странство, денес во Скопје свечено беше отворен 14-тиот Самит на Македонија2025 – досега најголемиот настан во организација на оваа влијателна платформа за економски развој и лидерство.
Првиот ден мина во духот на амбициозни визии и конкретни пораки: забрзан раст преку болни, но нужни реформи, силна дигитална трансформација, стратегиска употреба на технологијата и клучната улога на дијаспората во развојот на државата.
Претседателот на Одборот на директори, Виктор Мизо, и главната извршна директорка проф. Никица Мојсоска Блажевски, го означија почетокот на Самитот со порака дека Македонија нема време за губење: „Нулта толеранција за корупција, вложување во човечкиот капитал и силно партнерство со приватниот сектор се темелите на економскиот пресврт“, истакна Мојсоска Блажевски.
Централна точка на денот беше учеството на премиерот Христијан Мицкоски, кој во директен разговор со директорката Мојсоска Блажевски понуди отворен и темелен увид во насоката на економските политики на Владата. Неговиот настап беше дочекан со внимание и интерес, особено поради акцентот што го стави на доследноста во спроведувањето на реформите и на намерата да се креира предвидлива и поттикнувачка бизнис-клима.
„Ја преземавме одговорноста да почнеме со системски промени, свесни дека резултатите нема да бидат веднаш видливи, но веруваме дека тие се суштински за иднината на државата,“ истакна Мицкоски. Тој нагласи дека владините мерки се насочени не само кон краткорочен раст, туку и кон долгорочна стабилност и отпорност на економијата.
Премиерот ја потенцираше потребата од соработка со приватниот сектор и ја отвори вратата за отворен дијалог со бизнис-заедницата, стартапите и технолошките компании. Неговите пораки беа во склад со духот на Самитот – дека државата мора да дејствува како партнер, а не како кочничар на иницијативата, иновациите и инвестициите.
Панелот „Полнолетство – Македонија2025: Каде сме и каде одиме“ ја врати фокусната точка на визијата на основачите – Мајк Зафировски и Џон Битов – и нивниот повик до идните генерации на лидери да ја продолжат мисијата: трансформација преку дигитализација, искоренување на корупцијата и економски раст од над 5% годишно.
„Технологијата не е алатка, туку стратешки ресурс“, рече Васко Кроневски, член на бордот на директорите, додавајќи дека Македонија мора да ги искористи талентите кои денес работат за странски економии, за да го зајакне сопствениот напредок.
На панелите и дебатите се истакна дека иднината на економијата зависи од вложувањата во вештини, образование, модерна индустрија и фер институции. Членката на бордот, Кати Ицева, подвлече дека вештачката интелигенција и дигиталната трансформација ќе бидат клучните алатки за конкурентност на македонските компании.
Самитот продолжува и утре со сесии за образованието, вештачката интелигенција, странските инвестиции и дијаспората – со цел да се постават темелите на економија што не само што следи, туку ја предводи иднината.