Павловски: Македонија може да биде Швајцарија на Балканот
Канадскиот техно-претприемач со македонски корени верува дека државата има реална шанса за економски пробив – ако го отвори пазарот и прифати иновации
Македонија има реален потенцијал да се претвори во регионален центар за технологија, крипто-индустрија и енергетика, доколку направи паметни и храбри политички избори. Ова го истакна Крис Павловски, извршен директор на канадската платформа Rumble, при неговата посета на земјава.
„Не ja чекајте ЕУ – грижете се за себе“
Павловски е јасен: Македонија не треба да чека интеграции во Европската Унија, ниту да се грижи што прават другите. Напротив – треба да се фокусира на сопствените сили и предности.
„Можете да бидете следната Швајцарија – само ако се грижите за себе и ја тргнете политиката настрана. Швајцарија капитализираше на неутралноста. Македонија може истото, но во модерна, дигитална форма“, порача Павловски.
Фокус на три стратешки сектори: крипто, вештачка интелигенција и енергетика
Павловски верува дека Македонија има шанса да заземе лидерска позиција во Европа доколку прва воведе модерна и отворена регулатива за криптовалути. Со таков пристап, земјата би станала магнет за технолошки компании и инвеститори кои бараат постабилна и пофлексибилна деловна средина од онаа што моментално ја нудат Европската Унија и САД.
Паралелно со тоа, државата има потенцијал и во развој на вештачка интелигенција, како и во енергетски проекти, особено со оглед на растечкиот интерес за обновливи извори и дата-центри со висок капацитет.
Од зборови – на дела: инвестиции веќе постојат
Павловски зборува со кредибилитет: неговата ИТ компанија „Космик Девелопмент“ има повеќе од 100 вработени во Битола, а Rumble веќе разгледува можности за поголеми вложувања, меѓу кои изградба на дата-центар и проекти во енергетиката.
„Не зборувам за можности од далечина. Веќе сум тука, веќе имам вложено, и планирам да вложувам уште. Ја сакам оваа земја. Моите родители се од Преспа и Мариово, и чувствувам должност да придонесам“, рече Павловски.
„Работете за себе – не чекајте ја државата“
Во својата порака до младите, Павловски потенцира дека иднината не е нешто што треба да се чека, туку нешто што треба да се изгради со сопствени раце.
„Не очекувајте Владата да направи сè за вас. Работете напорно за себе и за својата држава. Ако има добра регулатива и слобода за иновации – ќе дојдат и бизнисите и капиталот“, вели тој.
Отворен пазар и паметна регулатива – клучот за новата Македонија
Неговиот став е дека државата треба да ги намали бирократските бариери, да ја отвори економијата за дигитални бизниси и да гради имиџ на отворена, флексибилна и безбедна дестинација за инвестиции.