Мицкоски: Лобирајте за македонскиот јазик и идентитет во ЕП
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска упати отворен повик до сите политички партии, вклучително и опозициските, да се вклучат во поддршка и лобирање кај своите европски партнери за претстојната Резолуција на Европскиот парламент со која се признаваат македонскиот јазик и идентитет.
На прес-конференција во Скопје, Мицкоски посочи дека за првпат во историјата, во еден извештај на Европскиот парламент се нагласува „посебниот, многувековен македонски идентитет и јазик“. Според него, тоа е важен чекор во европската интеграција на земјата и „треба да биде поддржан од сите политички субјекти, без разлика на нивните дневнополитички разлики“.
„Очекувам европратениците едногласно да го усвојат Извештајот, бидејќи станува збор за нешто што е факт – македонскиот јазик е официјален јазик на ОН и кодифициран уште во 1945 година, формално признаен и во 1977. Тоа не смее да биде спорно за никого,“ рече премиерот.
Во таа насока, тој ги повика СДСМ и ЛДП, како дел од европски политички семејства, да стапат во контакт со своите сестрински партии во ЕП:
„Ги повикувам уште денеска да почнат да вртат телефонски повици до своите сестрински партии кои имаат европратеници во Брисел. Сега не е време за внатрешни пресметки – ова е прашање за нацијата.“
Мицкоски објави и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе испрати партиска делегација во Брисел за директно лобирање пред гласањето во јули. Според неговите информации, расправата во ЕП ќе се одржи на 4 јуни, а гласањето се очекува во текот на јули.
„Оваа резолуција е плод на речиси едногодишна дипломатска и политичка работа. Негирањето на македонскиот јазик и идентитет е анти-НАТО и анти-ЕУ став. Секој што не го поддржува ова е спротивен на европските вредности,“ заклучи Мицкоски.
Резолуцијата е веќе повод за реакции, особено од источни соседи, но премиерот уверува дека ова е момент кога Македонија мора да настапи обединето.