Договор на векот – стартува нова ера!
Собранието денеска го ратификуваше договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, вреден шест милијарди евра. Со 76 гласа „за“ и шест „против“, пратениците дадоа зелено светло за документ кој, според Владата, треба да отвори ново поглавје во развојот на критичната инфраструктура, здравството и енергетиката во земјата.
Договорот беше потпишан на 22 мај во Лондон и произлегува од декларацијата за стратешко партнерство меѓу двете земји. Тој предвидува кредитна линија од пет милијарди фунти, наменета за финансирање крупни проекти – модерна железница од Табановце до Гевгелија, нови болници во Штип и Кичево, реконструкција на клиниката во Тетово, изградба на студентски дом и зграда за Медицинскиот факултет, како и вложувања во дигитална трансформација и сајбер безбедност.
Документот го презентираше заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски, нагласувајќи дека договорот не бара измени во постојното законодавство, ниту ќе предизвика дополнителен фискален товар во оваа фаза. Тој уверуваше дека процесот е транспарентен и дека договорот претставува цврста основа за соработка со една од најсилните економии во светот.
Но, седницата не помина без остри зборови. Опозицијата предупреди дека со договорот се отвора простор за нетранспарентни зделки и потенцијално заобиколување на Законот за јавни набавки. Пратеникот Митко Трајчулески побара објаснување за делови од текстот, особено за одредбата според која ќе се „олесни запознавање со британски деловни субјекти“, прашувајќи дали тоа значи однапред договорени изведувачи.
Власта возврати дека документот е јавно достапен и за разлика од претходни проекти – како оној со Бехтел и Енка – не содржи клаузули за доверливост. Пратеникот Стојаноски одговори дека токму ова е пример за транспарентен и одговорен пристап, оценувајќи го договорот како историски чекор за државата.
По ратификацијата, следува техничка реализација, избор на проекти и изведувачи, како и вклучување на надворешни консултанти за усогласување на финансиските модели.