Битолскиот градоначалник кандидат за нов мандат од ВМРО-ДПМНЕ

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ќе се бори за уште еден мандат на претстојните локални избори, откако неговото име беше потврдено на вечерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ како официјален кандидат на партијата.

На прес-конференцијата, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, истакна дека Коњановски е меѓу кандидатите кои уживаат најголема доверба меѓу граѓаните. „Сите кандидати водат на анкетите, во некои општини и со предност од 5 спрема 1. Станува збор за луѓе кои направиле вистинска трансформација во своите општини,“ рече Сајкоски.

Коњановски, кој зад себе има четиригодишен мандат исполнет со инфраструктурни проекти, дигитализација на општинските услуги и поддршка за културни и спортски настани, сега ќе се обиде да го убеди битолското гласачко тело дека е подготвен за уште еден чекор напред.

Во списокот од 25 објавени кандидати, најголем дел се актуелни градоначалници кои добиваат нова шанса да се натпреваруваат, што говори за довербата на партијата во нивните резултати. ВМРО-ДПМНЕ очекува доминантна победа на локално ниво, оценувајќи дека „Македонија влегува во фаза на трансформација и дека новите мандати ќе значат и нови можности за развој“.

Дали Битола ќе му ја даде довербата на Коњановски за втор мандат останува прашање за кое одговорот ќе се добие на есен. Но, трката почнува – и градот, повторно, е во фокусот на локалната политичка сцена.


1272

Задолжително

Verified by MonsterInsights