Турски инвеститори од Измир наскоро во индустриската зона во Новаци

Општина Новаци денес беше домаќин на висока бизнис делегација од турската општина Тире, Измир, составена од дваесетмина стопанственици и потенцијални инвеститори. Делегацијата, предводена од градоначалникот на Тире, Хајати Окуроглу, и потпретседателот на најголемата стопанска комора во регионот, Метин Акдаш, се запозна со условите и можностите за вложување во новата индустриска зона во Новаци.

На средбата со градоначалникот Стевче Стевановски беа презентирани потенцијалите на општината, а особено намената на индустриската зона за лесна и незагадувачка индустрија. „Во овие три години, со интензивна работа, стигнавме до напредна фаза. Половина од парцелите се веќе продадени, најмногу на турски компании, а веќе има интерес и од Измир,“ изјави градоначалникот Стевановски. Тој додаде дека зоната од околу 20 хектари ќе овозможи изградба на 15 фабрики, што ќе го подобри економскиот амбиент не само во Новаци туку и во целиот Пелагониски регион.

Возвратната посета следи по минатогодишната македонска делегација во Тире и Измир. Градоначалникот Окуроглу истакна: „Презадоволен сум што сум тука. Веќе гледаме конкретна можност и во најкраток можен рок сакаме токму тука да ја отвориме првата турска фабрика.“

Метин Акдаш, потпретседател на комората и менаџер на осум компании, истакна дека македонската општина нуди брзи и ефикасни услови за деловни вложувања. „Нашата група доаѓа од различни сектори – градежништво, земјоделство и трговија. Овде гледаме отворени врати и волја за соработка,“ рече Акдаш.

На крајот на посетата, градоначалникот Стевановски им подари македонски рачни везови, а локалниот фудбалски клуб ФК Новаци им подари дресови со нивните имиња на гостите од Турција – симболичен гест на добредојде и пријателство.


1312

Задолжително

Verified by MonsterInsights