Орбан : Мицкоски е чуварот на Европа – Да живее Македонија!
Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати силна поддршка и пофалби до премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, за време на отворањето на меѓународната конзервативна конференција CPAC (Conservative Political Action Conference) која се одржува во Будимпешта.
„Нашиот македонски херој Христијан Мицкоски победи на изборите иако цел Брисел го поддржуваше неговиот противник. Тој е чуварот на тврдина која ја штити европската јужна граница од миграцијата. Да живее Македонија!“, изјави Орбан во својот говор пред присутните политички и медиумски фигури од Европа и САД.
Говорот беше дел од свеченото отворање на конференцијата која претставува собир на десничарски и конзервативни лидери. Настанот започна со емитување на ексклузивна видео порака од поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Меѓу присутните лидери се и словачкиот премиер Роберт Фицо, грузискиот премиер Иракли Кобахидзе, Андреј Бабиш од Чешка, полските политичари Јержи Квашњевски и Матеуш Моравиецки, Херберт Кикл од Австрија, Алис Вајдел од Германија и Хорхе Буксаде од Шпанија. Конференцијата ја следат и бројни влијателни гласови од американската десница, меѓу кои Бен Шапиро, Џек Пособиец и Дејвид Рубин.
Премиерот Мицкоски треба да се обрати на конференцијата, во своето прво појавување на меѓународна сцена по преземањето на функцијата. Според организаторите, неговиот настап се очекува со големо внимание во светлината на зголемената улога на Македонија во управувањето со миграциските текови на Балканот.
Орбан, кој веќе подолго време ја позиционира Унгарија како центар на европскиот конзервативизам, ја користи CPAC конференцијата за зацврстување на врските со идеолошки блиски лидери, со фокус на теми како национален суверенитет, безбедност на границите и семејни вредности.