Гордана Јоначиќ е новата директорка на ООУ „Тодор Ангелевски“
Со одлука на надлежните институции, назначена е Гордана Јоначиќ за нова вршителка на должноста директор на Основното општинско училиште „Тодор Ангелевски“ – Битола.
Во своето прво обраќање до јавноста, директорката ја истакна важноста на транспарентноста, отчетноста и континуираниот дијалог со сите чинители во образовниот процес, вклучително и наставниот кадар, учениците и родителите.
Најавени се повеќе инфраструктурни и развојни проекти кои се во фаза на подготовка, меѓу кои изградба на спортска сала и спортско игралиште во централното училиште, како и спортско игралиште во подрачното училиште во населбата Горно Оризари. Паралелно со тоа, се работи на проектна документација за целосна реконструкција на училиштето, што вклучува поставување енергетски ефикасна фасада и разгледување на можноста за инсталација на фотоволтаични системи.
Училиштето во моментот опфаќа 884 ученици и 96 наставници, а во тек е и процесот на запишување на новата генерација ученици во прво одделение.
Новата директорка ја истакна важноста од професионален пристап во извршувањето на обврските, заснован на почитување на личноста на учениците и примена на едукативни и педагошки принципи. Како што беше наведено, водечко начело ќе биде заедничкото градење на успехот преку активно учество на сите учесници во образовниот процес.
Во однос на актуелна ситуација поврзана со училиштето, беше истакнато дека без да се навлегува во детали, очекува институциите да постапат согласно своите надлежности, при што ќе се потврдат начелата на професионално и одговорно работење.
Приоритети во претстојниот период ќе останат воспитанието, образованието и безбедноста на учениците, како и поддршката на наставниот кадар во обезбедувањето квалитетен воспитно-образовен процес.
На крајот, беше упатен повик за соработка и отворена комуникација до сите засегнати страни – ученици, родители и наставници – со цел создавање позитивна и продуктивна средина за учење и развој.
Изразена е благодарност до Градоначалникот на Општина Битола за укажаната доверба и поддршка.