Коњановски: СДСМ ја сопре изградбата на спортски комплекс во Битола!

На денешната седница на Советот на Општина Битола, без јасни аргументи и по, како што вели градоначалникот Тони Коњановски, „исклучиво политички причини“, советничката група на СДСМ ја повлекла точката за усвојување на Нацрт-деталниот урбанистички план за блок З – Запад 08, со што се стопира изградбата на нов спортски комплекс во Нова Битола.

„Ова не е само спортски комплекс. Станува збор за нов реонски центар кој предвидува повеќе содржини – мултифункционален спортски објект, основно училиште, старски дом, детска градинка, колективно домување и голема површина на парково зеленило,“ – изјави Коњановски.

Според планот, новата урбана целина би била целосно усогласена со актуелниот и идниот генерален урбанистички план на градот, со фокус на јавниот интерес и балансиран развој на просторот. Во рамки на проектот се планира и целосна модернизација на сообраќајната мрежа во западниот дел на Битола.

„Сообраќајното решение го опфаќа продолжувањето на улицата ‘Димитар Илиевски – Муратот’, која ќе се поврзе со нова сообраќајница што ќе ги спои ‘Партизанска’ и Содоволечик,“ додаде градоначалникот.

Целиот проект е предвиден на површина од над 15.000 хектари, делумно земјоделска зона, која преку детално урбанистичко планирање би се трансформирала во модерен и функционален градски кварт.

Градоначалникот упати критика за одлуката, оценувајќи ја како политичка блокада во предизборен контекст, која директно ја штети јавната добробит и развојната перспектива на општината.

Интегрален текст на говорот на градоначалникот:

Почитувани граѓани, почитувана јавност, особено почитувана спортска јавност,

Би сакал да ве информирам дека на денешната седница на Советот на Општина Битола, од неразбирливи за мене причини, но исклучиво политички – во контекст на претстојните локални избори – од страна на Социјалдемократскиот сојуз беше повлечена точката за усвојување на нацрт-деталниот урбанистички план за блокот З, Запад 08.

Со тоа се предвидуваше изградба на нов спортски комплекс во Нова Битола. Тоа не е само спортски комплекс, тоа не е само за љубителите на спортот – тоа е нов реонски центар кој предвидува повеќе содржини во планирањето. Особено е важен јавниот интерес кој го зачувуваме, и предвидени се градежни парцели за мултифункционален спортски комплекс, во границите на парцелата, основно училиште, старски дом, детска градинка, објекти за колективно домување и огромна површина на парково зеленило. Да напоменам дека сообраќајниот концепт, кој треба да го оформи овој западен блок, предвидува нови сообраќајници. ‘Димитар Илиевски – Муратот’ продолжува, а во другата насока се спојува со нова сообраќајница која ја поврзува улицата ‘Партизанска’ со Довлеџик. Да напоменам дека се работи за површина од 15.000 хектари – над 15.000 хектари кои моментално се површини посадени под ниви.

Да кажам дека ова е усогласено со актуелниот Генерален урбанистички план, како и со проекциите за иден развој, со новиот Детален и Генерален урбанистички план, со што, повторно напоменувам, се предвидува нов реонски центар во Нова Битола.

Ви благодарам.


1261

Задолжително

Verified by MonsterInsights