АД ЕСМ: СДСМ и ДУИ ја наполнија ЕСМ со партиски кадри, незаконските вработувања се минато
Новото раководство на АД ЕСМ, именувано на крајот од август 2024 година, затекнало сериозна кадровска состојба во компанијата, како резултат на масовни, партиски мотивирани вработувања во претходниот период. Освен финансиските и техничките проблеми, како еден од најголемите предизвици биле идентификувани незаконски вработувања на стотици лица, реализирани преку нерегуларни конкурси.
Според извештајот на раководството, само на 31 декември 2023 година – непосредно пред минатите парламентарни избори – биле ангажирани точно 699 лица, главно преку злоупотреба на систематизациите во деловните единици на ЕСМ. Голем дел од овие вработени не се ни појавувале на своите работни места, иако редовно примале плата и им биле исплатувани сите придонеси.
Станува збор за вработувања кои, според актуелната управа, се спроведувале под силно политичко влијание, во организациски хаотичен амбиент, без реална проценка на потребите од работен кадар. Тоа, според нив, резултирало со нарушени производствени процеси и дополнителен товар за буџетот на компанијата.
Како дел од напорите за стабилизација и професионализација, во моментов во ЕСМ е во тек:
- усогласување на систематизациите по сите подружници,
- анализирање на реалните потреби од кадар, и
- воспоставување транспарентни и законски процедури за ангажирање стручни лица.
До донесување на новите систематизации, компанијата ќе ангажира привремени вработувања само каде што е неопходно, и тоа исклучиво во согласност со законските прописи.
Актуелното раководство на ЕСМ порачува дека не се отстапува од патот на професионалност и одговорност, и најавува нова кадровска политика ослободена од партиски влијанија. Целта е – целосна реформа на системот на човечки ресурси, кој ќе биде функционален, ефикасен и отпорен на политички притисоци.
Воедно, се упатува апел до сите политички субјекти да се воздржат од злоупотреба на ЕСМ за дневнополитички цели, особено поради тоа што, како што се наведува, штетните партиски вработувања во минатото – најмногу иницирани од коалицијата СДСМ и ДУИ – довеле до сериозно влошување на внатрешната состојба во компанијата.