Завршува школската година – матуранти на испит, останатите на одмор
Денеска завршува учебната 2024/2025 година за основците и средношколците ширум земјата. Последниот училиштен ден го означува почетокот на заслужениот летен распуст, кој ќе трае до 31 август. Учениците ги оставаат книгите и училишните клупи зад себе и влегуваат во период исполнет со одмор, игри и летни авантури.
За матурантите, наставата заврши уште на 16 мај, а утре – 11 јуни – ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура. Првиот, задолжителниот испит по мајчин јазик, го положија на 31 мај, кога над 15.000 ученици седнаа на испитна клупа низ целата држава.
Полуматурантите, пак, ги очекува ново поглавје – упис во средно образование. Пријавувањето ќе се врши електронски преку платформата euslugi.mon.gov.mk, со најава преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.
Според конкурсот на Министерството за образование и наука, се предвидени два уписни рока:
Прв уписен рок: од 14 до 17 јуни, со доставување на документи во училиштата на 18 и 19 јуни.
Втор уписен рок: 30 јуни, а доставата на документи ќе биде на 1 јули.
Со првите топли денови и крајот на учебната година, почнува летото исполнето со слобода и нови почетоци – за едни како одмор од училишните обврски, а за други како пресвртница на патот кон зрелоста.
Среќен распуст и успех на сите матуранти и полуматуранти!