Зелената транзиција – Паметни патишта кон одржлив развој

Македонија веќе чекори кон зелена енергија и декарбонизација, но тој процес мора да се одвива внимателно и одговорно – ова беше централната порака од тркалезната маса на третиот колабораториум на Европската алијанса КОЛОРС, организиран од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола под мотото „Зелената транзиција – Паметни патишта кон одржлив развој“.

На настанот учествуваа претставници од АД ЕСМ – РЕК Битола, Општина Битола, Техничкиот факултет – Битола, како и од граѓанскиот сектор.

Професорите од Техничкиот факултет укажаа дека „праведна транзиција“ не може да се случи преку ноќ. Тоа е процес што бара децениско планирање и сериозни финансиски средства – ресурси кои државата во моментов ги нема. Оттаму, стратешкото размислување и меѓународната поддршка се клучни.

Според претставниците од Општина Битола, поимот праведна транзиција станал конкретен и реален во моментот кога се појавија првите датуми за можно затворање на РЕК Битола. Последиците од ова сценарио ќе бидат севкупни – од работните места до локалната економија, јавните услуги и демографијата.

Никола Наумчевски од РЕК Битола истакна дека домашниот јаглен и натаму е клучен за стабилно снабдување со електрична енергија и намалување на увозната зависност. Тој предупреди дека без замена за базното производство на РЕК Битола, транзицијата ќе биде ризична. Како алтернативи ги наведе хидропроектите Чебрен и Галиште, Вардарска Долина и изградба на гасна електрана.

Иако загубата на работни места во рударскиот сектор може да изгледа маргинално на државно ниво, таа ќе има драматични ефекти локално – особено врз Битола и околните населени места. Многу мали бизниси, училишта, здравствени установи и јавни сервиси зависат директно или индиректно од постоењето на РЕК.

Тони Ангелевски, помошник директор за развој и инвестиции во РЕК Битола, објави дека се работи на Инвестициски план за транзиција од јаглен. Планот предвидува инвестиции во обновливи извори на енергија, модернизација на преносната мрежа, складирање на енергија, зголемена енергетска ефикасност и еколошки прифатливо греење.

Зелената транзиција не е само технички предизвик – таа е општествена трансформација. Без долгорочно планирање, социјална правда и реална замена за постојните капацитети, таа може да донесе повеќе штета отколку корист. Но со вистинска визија и поддршка – и домашна и европска – Македонија може да изгради поодржлива, поправедна и поздрава енергетска иднина.


1152

Задолжително

Verified by MonsterInsights