44 студенти ќе стекнуваат искуство во Општина Битола

Во атмосфера исполнета со младешки ентузијазам и надеж, денес во Општина Битола започна третото издание на летната универзитетска пракса. Дури 44 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – најмногу досега – ќе имаат можност да се приклучат на институционалните работни процеси и да стекнат драгоцено практично искуство во рамките на општинските одделенија и јавните претпријатија.

Градоначалникот Тони Коњановски лично им посака добредојде и успех, истакнувајќи ја важноста на младите во оформувањето на едно пофункционално и модерно општество:

„Со оваа програма, не само што им даваме шанса на студентите да ја применат својата теорија во реални услови, туку заедно создаваме амбиент за нови идеи и развој. Верувам дека токму нивната енергија и посветеност се клучни за иднината на Битола“, порача Коњановски.

Праксата, што ќе се реализира во јули, август и септември, предвидува едномесечен ангажман за секој студент, со нето надоместок од 10.000 денари, обезбеден од буџетот на Општината. Програмата е резултат на соработката со Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО, и претставува пример за тоа како јавната администрација може да биде отворена за младите.

Целта е јасна – поврзување на академијата со реалноста, создавање кадар кој ќе биде подготвен за предизвиците што го очекуваат, но и мотивирање на студентите да го гледаат својот придонес во заедницата како нешто реално и значајно.

Овој проект веќе се вкоренува како добра практика и позитивен пример што покажува дека кога младите добиваат шанса – тие знаат и можат.


1164

Задолжително

Verified by MonsterInsights