ЗОШТО „ОБЛАКОТ“ НА КРИС ПАВЛОВСКИ ГО ПОБЕДИ ДИГИТАЛНОТО НЕБО НА „АМАЗОН“ И „ГУГЛ“?
На денот кога големите паднаа, еден Македонец во Канада остана онлајн.
Додека серверите на технолошките гиганти Amazon Web Services и Google Cloud се тресеа под притисокот на технички проблеми, облакот на Крис Павловски, канадскиот Македонец и основач на Rumble, стоеше стабилно – и тоа не помина незабележано.
Павловски, кој важи за близок на семејството Трамп и чие дигитално царство бележи експлозивен раст во САД, реши директно да го праша GROK – вештачката интелигенција на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), зошто “облакот” на Rumble работи подобро од оној на титани како Гугл и Амазон.
„Здраво @grok, зошто Rumble Cloud работи непречено додека Amazon Web Services и Google Cloud имаат проблеми денес?“, праша Павловски јавно, без двоумење.
Одговорот од GROK беше краток, но доволно силен за да го поттикне интернетот да сврти погледот. Според анализата на вештачката интелигенција, причината може да се крие во нешто што гигантите одамна го заборавиле – независноста и фокусот.
„Rumble Cloud веројатно работел непречено на 12 јуни 2025 година поради неговата независна инфраструктура, дизајнирана да избегне зависност од големи хиперскалери како AWS и Google Cloud…“
GROK дури и наведе временска анализа: додека Google Cloud доживувал прекин по 14:00 по Пацифичко време, Rumble функционирал непречено уште од 10:07 наутро. За AWS нема потврден прекин, но постоеле сигнали на нестабилност преку DownDetector. Тоа беше доволно – доволно за да се прашаме: дали токму „малите“ стануваат новите големи?
Според GROK, малиот обем на Rumble, заедно со последните инфраструктурни подобрувања – вклучувајќи ја и соработката со TRON (платформа за блокчејн и децентрализирана инфраструктура) – придонеле за оваа стабилност. Во превод: додека гигантите ја носат тежината на сопствената големина, Rumble леташе лесно и стабилно.
Компанијата на Павловски веќе не е таен играч. Се позиционира како дом на „алтернативниот интернет“, прибежиште за корисници кои се разочарани од цензурата на традиционалните социјални мрежи. Не е случајност што Rumble често се споменува во ист контекст со конзервативни гласови и дека има јасен политички набој. Но денес, политиката не беше темата – технологијата беше.
На денот кога Амазон и Гугл имаа своја дигитална треска, „облакот“ на еден Македонец од Канада имаше ведро небо. И тоа може да биде повеќе од случајност – можеби е сигнал за ново време во облакот.