Средба на градоначалникот Коњановски со амбасадорката на Литванија
Во својот кабинет, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, вчера оствари средба со амбасадорката на Канцеларијата на Литванија во Скопје, Вилма Дамбраускиене. Средбата мина во пријателска атмосфера, при што беше потврдена одличната билатерална соработка помеѓу Северна Македонија и Литванија, со нагласок на потенцијалот за нејзино продлабочување во областите на културата, туризмот и економијата.
Градоначалникот Коњановски ги претстави можностите што ги нуди Битола, како град со богато културно наследство и значителен туристички потенцијал. Тој истакна дека постои реална основа за развој на конкретни проекти и размена помеѓу двете земји.
Амбасадорката Дамбраускиене ја изрази својата воодушевеност од Битола и најави дека овогодинешното одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу Литванија и Македонија ќе се одржи токму во Битола. Настанот ќе се одржи на 19 јули, во Офицерскиот дом, во соработка со „Јуроп Хаус“, со концерт на познатото литванско дуо пијанисти – Дуо Зубовис, кои ќе изведат дела од композиторот и сликар Микалојус Чурљонис.